Ако не успеете да им понудите услови за подобар живот на граѓаните, тогаш тие ќе побараат подобар живот на друго место, вели известувачот на ЕП за Македонија Томас Вајц, на граѓанскиот форум „Северна Македонија и иднината на Европа: Граѓаните во срцето на проширувањето на ЕУ“.
Тој зборуваше за важноста од заштитата на животната средина и владеењето на правото, нагласувајќи дека напредокот е важен за македонските граѓани, а не за ЕУ.
Дали напредокот нам ни е потребен во ЕУ? Не, тоа не е така. Мислам дека напредокот ви е потребен вам, за вашата земја, да се движите понатаму, да развиете модерно, демократско и добро организирано општество без оглед дали сакате да се приклучите во ЕУ еден ден или не. Некогаш тоа се губи од нашата визија, вели Вајц.
Форумот е организиран од Групата за поддршка на демократијата и координација на избори на Европскиот парламент, во соработка со Собранието на Северна Македонија.
Претседателот на Собранието Африм Гаши нагласи дека Македонија има јасна политичка определба – полноправно членство во ЕУ, и таа определба има широка поддршка во општеството.
Од нашите европски партнери можеме да учиме, но истовремено и ние треба отворено да ги кажуваме нашите очекување, нашите предизвици и нашите потреби, па зошто да не и нашите разочарувања. Нашата порака е јасна: Сакаме да бидеме дел од ЕУ, но сакаме и европските стандарди да станат реалност за секој наш граѓанин, вели Гаши.
Во своето обраќање пред Генералното собрание на ОН, премиерот Христијан Мицкоски вчера побара ЕУ да ги почитува своите правила и исполнувањето на критериумите да води и кон напредок и во евроинтеграциите, наместо да биде попречуван од билатерални прашања.
Срѓан Стојанчов













