Претседателот и судиите во Уставниот суд од 1 октомври годинава ќе земаат повисоки плати од оние што во моментов за нив ги предвидува Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во државата. Платите на останатите функционери остануваат исти. Епилогот следи откако уставните судии ги укинаа измените на законот кои се однесуваше за нив и му дадоа рок на Собранието да ги изгласа, што и се случи денеска на Комисијата за избори и именувања.
„Комисијата за избори и именувања како надлежна комисија мора да постапи по одлуката на Уставниот суд на Република Македонија, која беше донесена фактички со суспендирање дел од Законот за платите и надоместоци на избраните и именуваните функционери Со предлог-одлуката се предлагаат измени во членот 1 од одлуката за определување коефициенти за утврдување плата. Во точка 5: „Претседател на Уставниот суд на Република Македонија“, коефициентот 2,81 се заменува со коефициент 3,08. Во точка 16: „Судија на Уставен суд на Република Македонија“, коефициентот 2,60 се заменува со коефициент 2,85 “– појасни Ѓорѓија Сајковски, претседател на Комисија за избори и именувања.
Собранието кон крајот на февруари годинава донесе измени на Законот со кој ги намали платите, односно коефициентите за пресметување на платите на избраните и именувани лица, а со тоа и се намалија функционерските плати.
Но, веќе во јуни, мнозинството уставни судии донесоа одлука да се укинат делови од членовите кои се однесуваат на нив. Беше наведено дека, укинатите делови ќе престанат да важат на 1 октомври и пресметката на нивните плати ќе се врши според коефициентите од измените на Законот донесени во 2024 година.
Во образложението на постапката стои дека Уставниот суд не е дел од организацијата на државната власт во која спаѓа судството, туку е посебен орган којшто ја штити уставноста и законитоста. Според нив, уредувањето на платите на претседателот и судиите на Уставниот суд под ист нормативен режим со другите носители на јавни функции е суштествена повреда на владеењето на правото како темелна вредност на уставниот предок.
Далиборка Демјанска Цветановска













