Да се подигне свеста за нашето постоење во дигиталниот свет со одговорен пристап е исклучително важно, вели професор Димитар Трајанов. Факт е дека Македонија има квалитетен и потенцијален кадар и тоа мора соодветно да се искористи.
- По глава на жител ние продуцираме повеќе IST софтвер, сервиси од просекот во ЕУ, меѓутоа за жал ако се земе предвид дигиталната писменост на обичните граѓани сме далеку од просекот на ЕУ. Ако ние како нација немаме доволно информации, наши информации за нашата култура, за нашиот поглед кон светот, таму ќе бидат прикажани информации од други држави, од други култури кои што можно е да не се согласуваат со нашите погледи на светот. Она што сакам да го кажам тоа е работа на сите нас, го имаме проектот „Везилка“ којшто тоа може да го канализира и да го среди во формат кој што ќе биде соодветен за големите јазични модели – проф.д-р Димитар Трајанов, доп.член на МАНУ.
Во своето пристапно предавање во МАНУ професор Трајанов спомена дека се потребни национални податочни центри (дата – центри ) во наше владение за развој на вештачка интелигенција.
- Главната поента е дека тие треба да опслужат генерално користиење на вештачка интелигенција, од граѓаните, од институциите, од Владата, од компаниите. Значи тие треба да ги сервисираат нашите компании за да можеме да имаме контрола над нашиот наратив како држава и како сето тоа го користиме-проф.д-р Димитар Трајанов, доп.член на МАНУ.
За секоја технологија мора да направите проценка кои се добрите страни, кои се ризиците и како истите да ги менаџирате, вели професор Димитар Трајанов за да не се доведеме во ситиуација да бидеме дигитална колонија, потенцирајќи дека дигиталниот суверенитет е способност на една нација, сама да го пишува, да го проверува и исправа сето она што е запишано за неа на својот јазик.
Нина Стефанова













