Министерот за транспорт во интервју за „Телма“ вели дека Македонија самостојно преку билатерални договори го решава проблемот со транспортерите. Тој нагласува дека позицијата на Македонија е поинаква од останатите држави од Западен Балкан и транспортерите не треба да подлегнуваат на пропагандата на странски држави, пред се на Србија.
Билатерални договори се склучени со Швајцарија, Хрватска и Романија, а според Николовски се преговара и со властите на Австрија, Германија и Унгарија. „Тоа е систем на ЕУ и тие треба да најдат решение, ние во рамки на можностите на Владата го наоѓаме решението преку овие билатерални договори за долгорочни работни визи“, рече Николовски.
„Секоја држава треба да си го решава проблемот самостојно и не смееме овој проблем да го гледаме во купче затоа што една е позицијата на Македонија, а друга на останатите држави од Западен Балкан и не мислам дека е паметно овој проблем да се гледа заеднички, туку секоја држава треба да го решава индивидуално. Ние го решаваме индивидулно, имаме решенија и ако другите држави немаат решенија тоа е нивни проблем.
Ај ќе бидам попрецизен. Мислам дека не треба да потпаѓаме на пропагандата која што главно доаѓа од Србија. Тие си имаат свои проблеми со ЕУ. Нека си ги решаваат“, рече Николовски во интервју за Телма.
На денешната средба во Скопје на претставници на транспортните компании од Македонија, Босна и Херцеговина, Србија и Црна Гора, а со поддршка на колегите од Албанија и Косово беше договорено ако до 1 септември Европската Унија не понуди барем привремено решение за проблемот на превозниците, да започнат со радикални протести.
Проблемот е што на камионџиите им се пресметува престојот во шенген зоната како и на секој друг граѓанин на трети земји, односно престојот им е ограничен на 90 во последните 180 дена. Ако веќе не може да бидат изземени од ова правило, како што е случај со машиновозачите и пилотите, тогаш бараат наместо во денови, нивниот престој да се брои во часови и минути.













