МВР потврди велешанецот кој е осомничен за продажба и аплицирање на наводни кубански вакцини кај болни од рак, бил пријавен и за измама на сопственик на фирма од Охрид, преку неговата невладина организација чии членови луѓе кои имаат телесен инвалидитет.
„Со пречекорување на своите службени овластувања, на 20.03.2023 година, се стекнал со противправна имотна корист од 600.000 денари на штета на М.Г. од Охрид, доведувајќи го претходно во заблуда да аплицира во европски фондови за грант и проект Адреналински парк и дека доделените парични средства би се префрлиле на фирмата на М.Г. за да се изгради парк во негов камп во Охрид“, велат од МВР
Охридското обвинителство се уште истражува дали и за каква измама се работи, додека тој во меѓувреме се зафатил со новиот бизнис. Слободен печат кој прв го објави сомнежот на измамените денеска ја продолжи приказната за болните од рак и нивнте семејства кои плаќале по 3200 евра за вакцината со сведочење на керка на починат болен.
„ Мене ми е целта правдата да се задоволи и тој да биде казнет“, сведочење на ќерка на починат од рак за Слободен печат
Инаку пријавениот тврдел дека ја купува вацината од Србија, каде веќе има лиценцирани преставници. Телма разговараше со српскиот преставник на кубанскиот институт кој ја произведува и тој сведочи дека никој не би смеел да ја продава, ако нема дозвола за тоа. Никогаш не соработувал со велешанецот и се сомнева дека е измама.
„Значи терапијата е скапа, на секои 15 денови се дава по една инекција, на лево и десно рамо, и на лев и десен колк. Се даваат пет тури, и може да чини околу седум илјади долари. Но, ова кај вас мора да е измама. Транспортот мора да е во ладен ланец и температурата да биде од 2 – 8 степени. Значи тие нешто можеби шверцуваат и убиваат луѓе“, вели Зоран Вујовиќ – претставник на кубански институт за Србија
Денеска министерот за здравство уште еднаш апелираше луѓето да не подлегнуваат на вакви и слични измами.
„Има црн пазар на лекови во земјата“, рече министерот Клековски.
Според сведочењето на измамените тие се сомневаат дека всушност добивале физиолошки раствор бидејќи никогаш не ги виделе оригиналните пакувања на вакцините, а самиот добавувач им ја пуштал. Бараат обвинителството да ја забрза истрагата за А.М. Од обвинителството пак и денеска молчат и за измамата со вакцините и за онаа со проектот за парк во Охрид.
Билјана Николова













