Министерството за внатрешни работи најде техничко решение за мотоциклистите кои камерите на „Безбеден град“ не можеа автоматски да ги идентификуваат – информираше ресорниот министер, Панче Тошковски кој соопшти дека новата опрема веќе открила околу 9 прекршоци за брзо возење за еден ден.
Имено, според информациите, проблемот произлегувал од начинот на кој работат камерите, при што системот ја снима предната страна на возилото, додека регистарската табличка кај мотоциклите е одзади. МВР затоа поставило соодветна опрема на локации каде што имало најдобри технички услови.
Според Тошковски, првите резултати веќе покажале дека решението функционира.
„Го решивме и на дел од територијата на Македонија каде што првично сметавме дека има најдобри услови да се постават, ги поставивме и мислам дека, ако не се лажам, првиот ден имаме констатирано некаде околу 9 прекршоци за недозволена брзина – посочи Тошковски.
Воедно тој додаде дека претходно биле надминати и други проблеми со „Безбеден град“, меѓу кои биле поставеноста на камерите на одредени критични точки и идентификацијата на странските возила.
Тошковски рече дека системот веќе ги опфаќа и странските возачи. Сепак, МВР треба да го прошири начинот на санкционирање и на другите гранични премини.
Тој го наведе Табановце како пример за проблем што не сакаат да се повтори.
„Имавме проценка дека ќе има по 5 возила на час, а имавме по 500 возила на час“, рече Тошковски.
МВР сега бара техничко решение за другите премини. Целта, според министерот, е странските возачи да ги регулираат обврските без дополнително задржување.
Тошковски изнесе и бројки за жртвите во сообраќајот. Според него, до 1 септември 2025 година загинале 96 лица. Во истиот период годинава имало 60 жртви.
Тоа е за 36 загинати помалку во споредба со истиот период минатата година.













