ЕУ не може да биде глобален играч ако не го интегрира Западен Балкан, порача претседателката Сиљановска – Давкова на Европскиот самит во Салцбург. Праша како ЕУ ќе проектира влијание во Индо-пацификот или на Арктикот ако не може да интегрира еден европски регион од едвај 18 милиони жители, опкружен со нејзини земји-членки? Направи паралела со шахот,во кој велемајсторот не отвора нови фронтови додека го остава сопствениот крал незаштитен. Рече и дека, условувањето на уставни промени со билатерални историски прашања отвора дилеми околу доследноста на европските принципи.
За билатералниот проблем зборуваше и во изјава за австриска телевизија по самитот.
-Ние сакаме да бидеме таму каде што заслужуваме да бидеме.Зошто? Поради Копенгхашките критериуми. Затоа, ајде да одиме кон Копенгхаген. Но, директно. Не преку некои од градовите на нашите соседи. Ова го велам затоа што сметам дека, пред сè, треба да бидеме разбрани од нашите соседи, изјави Гордана Сиљановска-Давкова, претседателка.
Во меѓувреме, „Политико„ цитираше двајца високи претставници на Европската Комисија, дека во Брисел првпат се размислува да се одредат конкретни датуми за Црна Гора, Украина, Молдавија и Албанија за завршување на клучните фази од пристапните преговори. Четирите земји кои се најблиску до приклучување кон блокот, ќе добијат јасен пат, чекор по чекор, кон членство. Патоказите кои деновиве беа најавени и од претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, би биле прв чекор кон поголема предвидливост, затоа што овие држави и понатаму се соочуваат со бавен напредок и нејасни рокови за формален прием.
Во оваа фаза, според функционерите цитирани од „Политико“, патокази нема да добијат Косово, Македонија и Босна и Херцеговина. Исто така, надвор од планот остануваат Грузија, Турција и Србија, чии процеси се соочуваат со проблеми поврзани со демократските стандарди и владеењето на правото.
Според нацрт-документ, како дел од пошироката ревизија на политиките пред проширувањето, Европската Комисија разгледува и механизми што би спречиле идни членки да ги блокираат клучните политики на Унијата или да се откажат од преземените обврски. Измените би можеле да вклучуваат итни клаузули и преодни периоди пред целосно да им бидат доделени сите права што произлегуваат од членството.
Ревизијата на претпристапната политика треба да биде претставена на 6 октомври.
Далиборка Демјанска













