Асномскиот завет вели – каква држава ќе создадеме, таква држава ќе имаме, истакна претседателката Гордана Сиљановска Давкова на денешната панел-дискусија на тема „8 Септември низ призма на неговите непосредни учесници и сведоци“.
Според претседателката Сиљановска Давкова, држава не се гради само со демократските избори и со конституирањето на институциите, туку со градење на функционални институции, со одбрана и заштита на човековите права и со почитување на највисоките стандарди, не само на домашното туку и на меѓународното право.
„По мое мислење, умерените и умни лидери во деведесеттите години биле Глигоров, Стојан Андов, Никола Кљусев, Петар Гошев, Абдурахман Алити… кои успеаја од тој вртлог на војна со своето знаење и мудрост, но и државничкиот однос на еден умерен начин да исчекорат, и тоа е многу важно. Според еден научник, може за шест дена да скицирате устав, може за шест месеци да зацртате либерална економија, ама ви требаат шеесет години да изградите функционална демократија“, нагласи Сиљановска Давкова.
На панел-дискусијата на тема „8 Септември низ призма на неговите непосредни учесници и сведоци“ учествуваат поранешни пратеници, министри и други јавни личности.
Според поранешниот пратеник Ламбе Арнаудов, во првите денови од периодот на независноста голема улога одигра високата политичка свест на правите парламентарци:
„Јас се гордеам со овие херои на независноста што денес се овде заедно со нас, како и со сите, за жал, покојни и живи што не се меѓу нас, и им благодарам за она што го направија за Македонија“.
Гледајќи ја реалната опасност од распаѓање во тие тешки моменти, ние уште првиот и вториот ден донесовме Декларација за независност на Република Македонија, потсети Арнаудов. Поранешниот пратеник, Насер Зибери посочи дека релацијата меѓу правата и лојалноста е секогаш клучна за стабилноста и просперитетот на една земја, и според него во тој период имало недостаток и од едниот и од другиот елемент.
„Сето тоа создаваше кризни периоди кои во одредени моменти знаеја да ескалираат и да ги доведат во прашање и крупните одлуки, меѓу кои и референдумот за независност, односно учеството на Албанците на тој референдум. Да не бидам погрешно сфатен, додаде Зибери, тогашните претставници на Албанците, кои беа олицетворени во Партијата за демократски просперитет, беа меѓу првите што се залагаа за независност, самостојност и сувереност на Република Македонија, имајќи го предвид она што се случуваше во Белград и во тогашна Југославија.
„На повидок беше распадот на СФРЈ и ние меѓу првите се определивме за таков пат. Меѓутоа, ние, како застапници на тој народ, сакавме да имаме јасна слика во каква правна и уставно-правна рамка ќе се најдеме, за да можеме активно да учествуваме во градењето на таа држава“, рече Зибери.
Поранешниот пратеник и министер за правда Туше Гошев честитајќи го празникот истакна дека државата е создадена од големата желба на една генерација да има самостојна и независна држава во која сите граѓани ќе бидат рамноправни, додека пак, поранешниот пратеник, министер и поранешен гувернер на Народната банка на Македонија Петар Гошев истакна дека кога станува збор за празниците, има своја градација на нивното значење.













