Зимски спортови на снег, пролетно и летно планинарење покрај езера или есенско уживање во густите шуми, Шар Планина нуди разновидност во секоја доба во текот на годината. За ова ни сведочат со голема восхит, оние кои најчесто се низ шумите, ливадите, карпите, гребените и езерата- искусните локални планинари.
Тие ги споделуваат нивните бројни искуства низ годините и велат Шар Планина е вистински природен рај што пулсира со живот во секој период од годината, нудејќи незаборавни искуства за секој посетител. Тие ни кажаа дека оваа планина никогаш не спие – таа само ги менува своите волшебни бои и активности.
Јован Божиновски е со децении на Шара па ни вели дека таа е огромна планина, од врвот Љуботен па се до Маврово е масив со над 80 километри должина на планински срт. Иако има илјадници места за посета, според него, ако човек и два пати се искачи на ист врв, ќе доживее различен впечаток.
Сега е време да планинариме низ Шара — но не преку суви географски податоци, туку низ автентичните зборови, воздишки и сеќавања на оние кои ја живеат оваа планина. Шар Планина не се опишува со бројки, таа се раскажува преку сеќавањата. Шара има патеки и за почетници во планинарството, како и за поискусните кои минале и децении на овој планински масив.
За некого планината е место за прошетка, но за оние што еднаш ќе ја почувствуваат нејзината магија, таа станува начин на живот. Љубовта кон планината не се мери со освоените врвови, туку со страста што повторно и повторно ги враќа луѓето по нејзините патеки. Во тишината на природата, далеку од секојдневниот метеж, тие ја пронаоѓаат енергијата, еланот и внатрешниот мир што ги мотивира да продолжат понатаму – и на планината, и во животот.
Шар Планина се смета за синоним за биодиверзитет и природна разноликост
Пред пет години на територија на Шар Планина се поставија и границите на најновиот македонски национален парк со цел ова планинско подрачје да ја одржи својата недопрена убавина, богат биодиверзитет и сè поголем туристички потенцијал. Одговорно однесување, поголема грижа за животната средина и заедничка посветеност на институциите и локалната заедница, се принципите и напорите на оваа установа, Шар Планина да се промовира како чиста, уредена и сигурна дестинација, каде природата се почитува, а посетителите се чувствуваат добредојдени и заштитени.
Планинарите и планинарските клубови го истакнуваат позитивното влијание што го има дејствувањето на националниот парк.
Шар Планина претставува едно од највредните места за природна разноликост. При формирањето на Националниот парк, спроведената евалуација и истражувања покажаа дека планината е дом на над 600 видови алги, над 1260 видови васкуларни растенија, повеќе од 260 видови мов, 500 габи и 160 лишаи. Шумите кои се среќаваат во паркот се широколисни, иглолисни и мешани. Околу 75% од нив се чисти шуми, се состојат од еден вид дрвја, најчесто букови или дабови. Покрај нив застапени се и други видови како што се: ела, костен, смрека, планински јавор, габер и видови со ендемично и реликтно значење.
Шар Планина е дом на голема разновидност, стотици и па и илјадници видови пеперутки, инсекти, риби, птици и друго. Меѓу дивите животни ги има кафеава мечка, балкански рис, дива мачка, видра, дива свиња, дивокоза, срна, волк, црвена лисица, јазовец и некои видови куни.
Александар Самарџиев
Репортажите на Телма се емитуваат секој работен ден – премиерите се во 19:15, а репризите следниот ден во 15:00.













