СДСМ ја оцени како „крајно несоодветна“ реакцијата на претседателот на Собранието, Африм Гаши, по првостепената пресуда на Косовските специјализирани совети во Хаг против Хашим Тачи и уште тројца поранешни припадници на ОВК.
Од партијата велат дека судските одлуки треба да се почитуваат без оглед на националноста на обвинетите и политичкиот контекст, а конечната одлука ќе биде предмет на жалбена постапка.
Гаши по пресудата порача дека Хашим Тачи, Јакуп Красниќи, Кадри Весели и Реџеп Селими за албанскиот народ „се и остануваат ослободители на Косово“, оценувајќи дека пресудата е првостепена и дека „борбата за правда продолжува“.
Тој во објавата изрази поддршка за обвинетите и нивните семејства, поврзувајќи ја нивната улога со борбата за слободата на Косово.
Од СДСМ, додаваат дека пресудата се однесува на конкретни лица и конкретни кривични дела и не треба да се толкува како пресуда против албанскиот народ или против правото на Косово на независност.
Партијата порача дека истиот принцип на почитување на судските одлуки треба да важи и за меѓународните и за домашните судови, со став дека „законот не се бира по нација“.













