Премиерот Мицкоски не се соочи со екс обвинителката Ленче Ристоска. На рочиштето во Граѓанскиот суд каде таа ја тужи ВМРО ДПМНЕ за навреда и клевета не се појави на предвидениот распит на странки со оправдание дека има службени обврски.
- Секој има право, доколку се почувствувал навреден или наклеветен од некоја изјава или соопштение, да поднесе тужба. Тоа е граѓанско право. Премиерот имаше неодложни службени обврски поради кои не можеше да присуствува, иако неговото присуство не е задолжително – Ружица Николовска адвокатка на ВМРО ДПМНЕ.
- Имаше повеќе месеци во кои претседателот на ВМРО-ДПМНЕ можеше да го усогласи својот распоред. Сметам дека неговото недоаѓање, пред сè, претставува непочитување на судот. Од моето искуство како јавна обвинителка, можам да кажам дека тоа не ме изненадува, бидејќи сум имала ситуации во кои и други високо профилирани личности избегнувале да дојдат и се криеле во моментите кога требало да преземат одговорност за своето однесување – Ленче Ристоска, тужителка.
Ристоска ја тужи партијата поради соопштението со наслов „Ристовска – тажен симбол за неправда со државни бонуси и службена картичка во служба на Заев и Груби кое партијата го објави пред една година . Смета дека е таргетирано кон неа за лична дискредитација како јавен обвинител кој постапувале по предмети Талир во кои беа засегнати интересите на партијата ВМРО-ДПМНЕ.
Изразите „тажен симбол за неправда“, „отсуство на срам е одлика на вакви луѓе“ и „истата таа Ленче која го симболизира моралниот пад на обвинителството“ ги смета за навредливи и понижувачки. Ме поврзуваа со политичари како Заев и Груби, со политички партии како СДСМ и ДУИ, а особено неприфатливо за мене е тоа што се инсинуираше моја соработка со лица од другата страна на законот, односно со криминални структури рече Ристоска во судницата.
Објаснуваше и дека никогаш во кариерата, ниту во СЈО не користела службена картичка ниту бонуси туку примања по основ на плата, законски додатоци и надоместоци исплатени со одобрение на МФ.
- Соопштението почнува со зборовите Каков крај. Тоа за мене каков обвинител беше порака како обвинител дека доаѓа крајот на мојата кариера и доаѓа во моментот и тоа доаѓа во момент кога се ближи крајот на судските постапки а ВМРО ДПМНЕ е повторно носител на власта во државата и затоа сметам дека соопштението имаше заканувачки карактер и притисок кон мојата работа – Ленче Ристоска, тужителка.
Според адвокатката на ВМРО ДПМНЕ денешниот исказ на Ристоска со цел да го привлече внимание а соопштението за кое тужи било од јавен интерес.
- Сметам дека денешното рочиште се одвиваше во рамките на законот и тужителката го даде својот исказ. Меѓутоа, сметам дека нејзиното сведочење излезе надвор од контекстот на тужбеното барање, бидејќи повеќе се зборуваше за политика отколку за вистински правни аргументи поврзани со конкретната навреда и клевета. Сите знаете како заврши СЈО и што се случи. Исто така, сите знаеме колкави високи бонуси беа исплаќани. Соопштението на ВМРО-ДПМНЕ во тогашниот момент беше во насока на слободата на говорот и слободното изразување на мислата – Ружица Николовска адвокатка на ВМРО ДПМНЕ.
На следното рочиште во јануари ќе се изведуваат докази и завршни зборови. Ристоска си поднесе оставка по одлуката на државниот обвинител Савески за повлекување на овластувањата остана без предметите Талир но и Советот на јавни обвинители утврди дека премиерот не и ја загрозил самостојноста со изјавите.
Елена Ивановска Мукоска
Б.С.













