Од 140 на 200 денари, толку студентите бараат да се зголеми дневниот субвенциониран оброк. Барањето до Министерството за образование и наука го доставиле студентски претставници од седум универзитети. Одговорот засега е, ќе се пресметува. Од МОН велат треба да се види дали има пари во буџетот.. Дали државата може да обезбеди дополнителни 60 денари дневно за секој студент допрва ќе се знае.
– Се уште анализираме, ќе видиме и заедно со студентите се надевам ќе изнајдеме заедничко некакво решение кое ќе биде прифатливо за сите нас, повторно во рамки на буџетските можности, изјави Весна Јаневска.
Околу 250 студенти не добиле место во студентските домови затоа што немале целосна документација. Поднеле жалби, а сега тие се разгледуваат. Некои ќе ја добијат битката за место во домот, други ќе мора да почекаат нова шанса. Таква можност ќе има со следниот конкурс за „Кузман Јосифовски-Питу“, вели Јаневска и уверува дека ниту еден студент кој ги исполнува условите нема да остане без покрив над глава.
– Сите студенти се сместени. Сместени се во Гоце, сместени се во овој дом. Во овој дом се уште има неколку празни соби рачунајќи го и сместувањето со бруцошите. Кога ќе ги сместиме и бруцошите ни еден студент нема да остане без студентска соба ако исполнува услови, вели Јаневска.
По две години реконструкција, денеска се отворија вратите на Стив. Студентите ќе имаат потопли и почисти соби, реновирани купатила и подобри услови за живот и учење, вели директорот Александар Каровски Директор на Државен студентски дом Скопје
– Сакам еден апел да упатам до студентите да го зачуваме овој дом за да можеме да ги користат придобивките од оваа инвестиција како и тие така и идните генерации кои што доаѓаат да бидат сместени во овој дом, Александар Каровски Директор на Државен студентски дом Скопје
Во ноември се очекува да ги отвори вратите и студентскиот дом „Кузман“, а пред отворањето ќе има конкурс за слободните легла.
Реконструкцијата на студентските домови во земјава чини нешто над 80 милиони евра.
60 милиони се заем, а уште 21 милион евра се обезбедени како директна грант-поддршка од Европската Унија.
Симона Петровска













