Со приемот на Ива Михајлова на високо ниво во Софија, бугарските власти испраќаат порака што сериозно ја нарушува довербата помеѓу двете земји, реагира македонското МНР. Оттаму најавуваат дека случајот ќе го отворат пред европските институции, со оценка дека ваквото постапување е спротивно на принципот на еднаквост пред законот.Од МНР порачуваат дека националната припадност не смее да биде алиби за избегнување на правдата.
„Министерството за надворешни работи и надворешна трговија ќе ги информира меѓународните партнери, особено институциите на Европската унија и Советот на Европа. Ваквите постапки, за кои постојат и претходни примери, директно ја нарушуваат довербата меѓу двете држави и отвораат сериозни прашања за доследноста во почитувањето на заедничките европски вредности“, се вели во соопштението на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Претседателката на Бугарија, Илијана Јотова, пак, изрази подготвеност лично да се сретне со Михаилова, додека за реакцијата од Македонија, вели дека сè уште има многу неразјаснети околности.
– „Ќе се сретнете ли со неа? -Во првата можна прилика, доколку не ја задржат во болница. Но, дури и ако ја задржат во болница, ќе направам сè што можам за да се видам со неа“, одговори претседателката на Република Бугарија, Илијана Јотова, на прашањата на бугарските медиуми.
– „Каква реакција очекувате од Северна Македонија? -Останува да видиме. Има уште многу неразјаснети околности. Сметам дека и други надлежни органи во Бугарија треба да одговорат на прашањата што ве интересираат“, додаде Јотова.
Бугарскиот министер за внатрешни работи Иван Демерџиев најави проверка на околностите под кои Ива Михајлова ја преминала границата, како и проценка дали ѝ е потребно обезбедување.
„Ми пријавија дека таа и нејзиниот адвокат се наоѓаат во „Пирогов“. Ќе бидат преземени дејствија таа да биде сослушана, за да се утврди дали, кога, каде и како ја преминала границата. Ќе провериме дали имаат потреба од обезбедување и доколку имаат таква потреба, тоа ќе биде обезбедено“, изјави Иван Демерџиев, министер за внатрешни работи на Р. Бугарија.
Случајот со Ива Михаилова бил тема на разговор и на средбата во Софија помеѓу шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски и бугарската министерка Велислава Петрова-Чамова, при што била разгледана и можноста бугарски лекари да ја проценат нејзината здравствена состојба.
Михаилова, која има македонско и бугарско државјанство, тврдеше дека е дискриминирана поради бугарското потекло и дека не ѝ било дозволено да замине на лекување во Бугаријаоткако ѝ биле одземени личните документи во рамки на судската постапка против неа.
Петар Догов













