Народната банка изврши дополнително зголемување на каматната стапка на благајничките записи за 0,50 процентни поени со што таа сега е на ниво од 2,5 проценти. Одлуката е донесена на вчерашната седница на Комитетот за оперативна монетарна политика.
При носењето на одлуката, како што денеска соопшти централната банка, земени се предвид најновите движења на инфлацијата.
– Во периодот јануари ‒ јуни 2022 година годишната стапка на инфлација изнесува 10 проценти во просек, што е повеќе во однос на последните проекции. Најголемиот дел од домашната инфлација е резултат на притисокот од увозните цени на храната и енергијата, коишто досега растат посилно од очекуваното. Овие притисоци брзо се прелеваат врз цените и на останатите производи и услуги и дополнително ги подгреваат инфлациските очекувања, се наведува во соопштението.
Главниот ризик и понатаму останува неизвесноста поврзана со текот и времетраењето на воениот конфликт меѓу Русија и Украина и неговото влијание врз цените и економската активност во глобални рамки, а според Народната банка не треба да се занемарат и ризиците од пандемијата на Ковид 19 која се уште не е завршена.
Девизните резерви остануваат во сигурна зона, а според првичните податоци за јуни годинава, годишниот раст на вкупните кредити е солиден и е малку над проектираниот, при поумерен раст кај вкупните депозити.













