Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Пристигнаа првите вакцини против сезонски грип – пријавување од утре

/

Македонија

Сподели преку :

Првите 30.000 вакцини против сезонски грип пристигнаа во Македонија, а вакцинацијата се очекува да започне во предвидениот термин, од 16 до 25 октомври. Министерот за здравство, Сашо Клековски уверува дека подготовките се во тек и најави дека прв ќе се вакцинира за да ги охрабри граѓаните да се пријават.

„Втората транша од 26.000 вакцини треба да пристигне до 15 ноември. Во моментов се организираат логистичките активности во координација со Центрите за јавно здравје. Моето очекување е дека вакцинацијата ќе започне во вообичаениот термин, како и претходните години, односно средината на октомври“, изјави Сашо Клековски, министер за здравство.

Пријавувањето за бесплатна вакцинација годинава ќе се врши електронски, преку „Мој термин“. Системот сè уште се подготвува, а се очекува пријавувањето да биде овозможено од утре. По пристигнатите пријави, Центрите за јавно здравје ќе одредуваат кои граѓани имаат приоритет, според ризикот од компликации.

Целта е до крајот на сезоната да бидат вакцинирани 80.000 граѓани.

Бесплатна вакцинација е предвидена за повозрасните лица над 65 години, лицата со хронични заболувања, здравствените работници, бремените жени и децата на возраст од шест месеци до пет години. Во ризичните категории се вклучени и лицата сместени во установи за социјална заштита на стари лица, како и вработените во овие установи.

Инаку за неколку денови се очекува да пристигнат и бесеже-вакцините. Вакцинацијата со бесеже времено беше стопирана, по алармот во Храватска, која пријави несакани ефекти кај деца. Македонските власти веднаш излегоа со тврдење дека кај нас не се вакцинира со спорните серии, ниту пак има пријавени несакани ефекти.

Тамара Марковска

Jumbo 2