Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Пресудата од Хаг за водачите на ОВК ги подели регионот и домашните политичари

/

Македонија

Сподели преку :

По вчерашните првостепени пресуди во Хаг, со кои поранешните лидери на ОВК, Тачи, Красниќи, Весели и Селими беа осудени на вкупно 81 година затвор за воени злосторства, меѓународната заедница повикува на владеење на правото, додека во регионот реакциите не стивнуваат.

Вашингтон и Брисел упатија јасни пораки дека судските одлуки мора да се почитуваат. Стејт департментот нагласува дека останува посветен на правда за жртвите, правичната судска постапка и владеењето на правото и повикува да се избегнува запаливата реторика. Европската комесарка за проширување Марта Кос, исто така, повика на почитување на пресудата, подвлекувајќи ја важноста на правдата и помирувањето.

Од Велика Британија порачаа дека ова не е пресуда за Косово, се однесува на поединци и не треба да се користи за поттикнување меѓуетнички тензии.

Српскиот претседател Александар Вучиќ, пак, изјави дека Србија во овој момент нема причина ниту да се радува ниту да тагува, но изрази незадоволство што, според него, не биле земени предвид злосторствата врз српските цивили.

Од друга страна, косовскиот премиер Албин Курти ја оцени пресудата како „неприфатлива неправда“ и дава поддршка за жалбената постапка.

„Може да има правосилни пресуди или такви што не се правосилни – потполно е сеедно. Србите секогаш ќе бидат злосторници, а сите други ќе бидат ослободители и херои и на сите други ќе им биде дозволено тоа, освен на Србите“, изјави Александар Вучиќ, претседател на Србија. 

„Иако пресудата можеби формално е изречена во името на народот на Косово, оваа формула не смее да се поистоветува со волјата на народот. Оваа пресуда мора да биде укината и преиначена во постапката по жалба и тоа мора да се случи што е можно поскоро. Во овие тешки времиња, ние сме со семејствата на поранешните лидери на ОВК и со сите нивни соборци од ослободителната борба“, изјави Албин Курти, премиер на Косово. 

Пресудата во Хаг предизвика и силни политички реакции во Македонија. Собранискиот спикер Африм Гаши порача дека за албанскиот народ осудените остануваат ослободители.

„Ниту една пресуда не може да го негира фактот дека Хашим Тачи, Јакуп Красниќи, Кадри Весели и Реџеп Селими припаѓаат на славно поглавје во историјата. Во време кога слободата на Косово и мирот и стабилноста на регионот сè уште беа идеал за кој треба да се бори, тие имаа храброст да се ангажираат и да ја преземат историската одговорност. За албанскиот народ тие се и остануваат ослободители на Косово“, напиша претседателот на Собранието, Африм Гаши, на социјалните мрежи.  

Опозицијата реагираше на овој став на претседателот на законодавниот дом. Од СДСМ велат дека дека судските одлуки треба да се почитуваат без оглед на националноста на обвинетите и политичкиот контекст.

„Хаг судеше и кога на обвинителна клупа беше Ратко Младиќ. Тогаш рековме: пресуда мора да се почитува. И сега истото. Законот не се бира по нација. Во оваа насока реакциите на претседателот на Собранието, Африм Гаши се крајно несоодветни, тој извршува државна функција, претседател на Собранието и е претставник на држава што сака да биде дел од ЕУ. Не може двојни аршини. Ова не е пресуда против албанскиот народ. Не е пресуда против правото на Косово на слобода. Судот суди поединци“, велат од СДСМ. 

Партијата Левица преку соопштение обвинува дека во Македонија токму владејачкото мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ во 2011 година го употреби Собранието за четирите Хашки случаи да останат без судски епилог.

ДУИ и Вреди реагираа уште вчера. Лидерот на интегративците пресудата ја смета за неправедна и длабоко разочарувачка и повика на воздржаност и единство. Од Вреди најавија поддршка за семејствата на осудените.

Петар Догов

Jumbo 2