Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Предвремени избори повторно во игра, партиите со различни ставови

/

Македонија

Сподели преку :

Власта ја подотвори вратата за предвремени избори. Премиерот Мицкоски најпрво во телевизиско интервју, а денеска и во изјава за медиумите ја спомена можноста за парламентарни, но вели „ако побара опозицијата“.

Социјалдемократите експресно возвратија дека нема да дадат алиби за изборно соочување, иако секојдневно се подготвуваат за моментот. Опозиционерите од албанскиот блок, пак, со реакција: „нека се распушти Собранието и нека се определи датумот“.

  • „Граѓаните не сакаат избори, граѓаните сакаат реформи и континуитет на процесите коишто ги води оваа Влада. Затоа ја направив онаа споредба на почетокот, 3:1 на перформансите на оваа Влада споредено со претходната. Ние како коалиција имаме добиено легитимитет од граѓаните за да бидеме Влада четири години. Но, тоа што јас вчера го кажав, ќе го потврдам. А, тоа е дека доколку опозицијата мисли дека се потребни предвремени избори се разбира ние како кукавици нема да седиме на страна туку ќе одговориме на тоа барање позитивно. И се разбира дека ќе ги победиме“, изјави премиерот Христијан Мицкоски. 

Социјалдемократскиот сојуз е подготвен за избори – со нов тим, јасна програма и конкретен план за државата. Лидерот Филипче порачува дека партијата е во полна мобилизација, со визија и решенија на маса за да ги понудат пред граѓаните. Но, вели дека нема самите да побараат предвремени парламентарни.

  • „Веројатно дека ќе бара и премиерот и некои негови прокси-играчи, но ние нема да му бидеме алиби за избори. Избори ќе закаже премиерот којшто има двотретинско мнозинство, апсолутна власт на секое ниво – претседателката, извршната власт, во Собранието двотретинско мнозинство, мнозинство во општините, централна и локална власт. Може да си направи избори кога сака, ние нема да му бидеме алиби. Избори ќе има кога ќе им снема пари за коруптивни тендери, тоа ги интересира нив. Ништо друго! Ние сме секако спремни, се спремаме секојдневно. Но, алиби не даваме“, изјави Венко Филипче, претседател на СДСМ. 

По пораките за можни предвремени избори, од ДУИ со реакција дека дојде време за промени. Според нив, актуелната Влада веќе нема легитимитет поради закочениот европски пат и влошените меѓуетнички односи.

  • „ДУИ бара изјавата на премиерот веднаш да се претвори во конкретно дејствување. Бараме во наредните денови да се утврди најбрзиот уставен рок, да започнат изборните подготовки и на граѓаните да им се даде можност да одлучат за насоката во која ќе се движи државата. Доколку понудата на премиерот е сериозна, нема причина за одложувања, изговори или политички калкулации“, велат од ДУИ. 

Предвремените избори повторно се наметнаа како политичка тема откако претседателот на Владата и пред неколку месеци најави дека „многу скоро“ ќе има парламентарни, но без да прецизира термин.

Но, од власта повеќепати досега повторија дека сакаат да го завршат мандатот и започнатите реформи.

Петар Догов

Jumbo 2