Сè уште нема финален договор за предизборно коалицирање на СДСМ и ДУИ. Сега веќе поранешниот премиер, Димитар Ковачевски, кој денеска му ја предаде функцијата на неговиот наследник, рече дека разговорите течат, а партијата во моментов е фокусирана на предлагање на кандидати за претседател на државата и на кандидати за пратеници.
Опозицијата, пак, одолговлекувањето на одлуката за коалицирање го толкува поинаку.
А подготовките за изборите денеска и официјално почнаа со примопредавање на функциите на техничките министри и нивните заменици. Во најтешката и најодговорна фотелја во Министерството за внатрешни работи претпладнево седна Панче Тошковски, кој ја презеде функцијата од досегашниот министер, Оливар Спасовски.
Тој нема одврзани раце да ја спроведе самостојно својата политика, ќе има врзан потпис со заменикот Митко Бојмацалиев, досегашен шеф на кабинет на Спасовски. Ќе може да изврши најмногу 15 разрешувања или распоредувања на пониско или повисоко место на носители на раководна позиција во министерството. Доколку постави нови раководители, тој има должност на предлог на дополнителниот заменик-министер, да именува и нивни заменици.
Истите надлежности ги има и техничкиот министер за труд и социјална политика, кој денеска пристигна во министерството со голем букет цвеќе за својата претходничка. Заменичката Елена Петрова влезе во Финансии, а заменикот во Земјоделство, Цветан Трипуновски веќе одржа и прв работен состанок. Првиот работен ден на заменикот во информатичко општество, пак, му почна со кафе во едно скопско кафуле со млади луѓе од информатичкиот сектор.
Далиборка Демјанска Цветановска













