Пратениците се вратија на работа со набиена агенда и над педесет точки на дневен ред. Но, првата пленарна седница по летната пауза не ги расчисти дилемите дали опозицијата од албанскиот блок предводена од ДУИ ќе продолжи со процедуралните блокади на клучните закони со Бадентер.
На денешната седница процедурална забелешка имаа социјалдемократите, со реакција дека веќе се закажуваат комисии пред да биде усвоен дневниот ред.
„Ако го воспоставиме ова како пракса, ќе мораме да бидеме принудени на процедурални и на други работи. А, сакате да не се блокира работата на Собранието! Повикувам вие да не си ја блокирате работата на Собранието“, кажа Оливер Спасовски, координатор на пратеничката група на СДСМ.
„Апсолутно сте во право, јас се придружувам кон овој повик и ги молам службите и претседателите на комисиите да не свикуваат комисии пред да го усвоиме дневниот ред“, вели собранискиот спикер Африм Гаши.
Од СДСМ пред неколку дена излегоа со тврдење и толкување дека процедуралните блокади на ДУИ во Собранието се плод на договор со ВМРО-ДПМНЕ, во потрага по алиби за предвремени избори. Премиерот Мицкоски ги отфрла тврдењата.
„Видете, многу невистини од таму слушаме во изминатите 25-26 месеци од таа говорница и од СДСМ. Така што, понекогаш не треба да се коментира секоја глупост што ќе ја слушнеме“, изјави премиерот Мицкоски.
Од Левица велат има заговор, но помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, за да нема измени на Изборниот законик.
„Ние треба да сме луди за да поверуваме илјадапати во истата лага дека ВМРО и СДСМ дека нудат некаква различна визија кога ќе се сменат изборите. Е, вака ќе ја почнеме ние оваа сезона затоа што се наговестува дека е предизборна“, изјави Амар Мециновиќ, пратеник од Левица.
До крајот на месецот се најавени најмалку четири седници во законодавниот дом. Во фокусот и понатаму остануваат законите за кои е потребно Бадентерово мнозинство, како Законот за правична застапеност, за високото образование, како и за локална самоуправа.
Петар Догов













