Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, кој престојува во работна посета на Соединетите Американски Држави, во интервју за МИА од Вашингтон, вели дека темата за односите со Бугарија е неизбежна и секако се разговара, посебно со луѓе од Советот и Комисијата.
Мицкоски во интревјуто истакнува дека , еднострано напуштање на веќе преземените меѓународни обврски не е реална опција.
„Очекувањата на некои радикални елементи во нашата структура за повлекување од меѓународни договори и преговори – тоа би било идеално доколку сме ние сами на овој свет, но не сме сами“, рече тој.
Наместо раскинување на договорите, Мицкоски вели дека Македонија треба преку аргументи и дипломатска борба да се обиде да врати дел од позициите за кои смета дека биле изгубени од претходните влади.
Тој нагласи дека Владата е подготвена да разговара и да прифати аргументи од другата страна доколку тие бидат посилни, додавајќи дека Скопје „не се инаети“ и не настапува тврдоглаво. Сепак, условува евентуален нов процес со јасна перспектива.
„Никогаш нема да влезам во процес без да имам предвидлив крај“, рече Мицкоски.
Нов момент во неговиот пристап е барањето Европската Унија директно да биде присутна во разговорите со Софија.
Мицкоски рече дека Македонија е подготвена да разговара за усогласување на акциски план за малцинствата, но инсистира разговорите да се водат во присуство на меѓународната заедница. Според него, ако Скопје и Софија разговараат сами, тоа дополнително би го потврдило македонскиот став дека спорот е билатерален.
„Потребно е да имаме уште еден на масата. Еве тоа нека биде претставник можеби од страна на Европската Унија“, рече премиерот.
Мицкоски смета дека пред нова фаза од разговорите прво треба повторно да се изгради доверба меѓу Македонија и Бугарија и дека тоа мора да биде процес во кој ќе постои волја од двете страни.













