Основното јавно обвинителство Гостивар поведе постапка против четири лица од селото Добри Дол, Oпштина Врапчиште за кои постои основано сомнение дека пукале на свадбена прослава на 31 јули годинава. Тие се сомничат за кривичното дело „Предизвикување општа опасност што е казниво по член 288, став 3, во врска со став 1, од Кривичниот законик.
„Осомничените, на 31 јули вечерта, во дворно место од семејна куќа во селото, на свадбена прослава, употребиле огнено оружје и тоа три пиштоли и една пушка од непозната марка и калибар со кои пукале во воздух и со тоа ги довеле во опасност животите на поголем број присутни на свадбената прослава“, се наведува во соопштението на Јавното обвинителство.
Со оглед дека постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство на секој од осомничените, а едниот од нив покрај македонско има и словенечко државјанство, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка во Гостивар достави предлог за определување мерка притвор за осомничените.













