Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Политички судир поради западнонилската треска

/

Македонија

Сподели преку :

Прскањето против комарци и епидемијата на западнонилска треска се претвори и во политички судир. Опозицијата тврди дека власта задоцнила и го оставила здравјето на граѓаните без навремена превенција. Од Владата возвраќаат – општините си ја завршиле работата навремено. Земјава пред неколку дена го регистрираше и седмиот смртен случај од болеста. Хоспитализирани се 20-тина пациенти.

„Владата на Мицкоски нема капацитет да превенира и да го заштити здравјето на граѓаните, туку реагира дури откако кризата ќе ескалира. Дури ниту против комарци не прскаат навреме, и со тоа задоцни Орце Ѓорѓиевски. Не функционира системот за превенција, заштита и контрола на вектор-преносливи болести“, обвинуваат од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија.

Општините ги завршија обврските, уверува премиерот Мицкоски, но вели дека регионот се соочува со повеќе предизвици оваа година.

„Ние ги проверивме и врз основа на оние информации со коишто јас располагам, сите општини во рамките на оној редовен протокол си ја имаат завршено таа активност. Така што, јас не би можел да кажам дека некој не го направил тоа или го направил, но факт е дека оваа година е натпросечна кога станува збор за ваков тип на предизвик со којшто се соочуваме и ние и би рекол условно сите медитерански земји, тука се и Италија и Шпанија, каде што, за жал, починатите од западнонилска треска се бројат со стотици“, рече премиерот Христијан Мицкоски. 

Западнонилската треска најчесто се пренесува преку убод од заразен комарец. Кај најголем дел од заразените инфекцијата минува без симптоми или со блага клиничка слика, а кај мал дел може да дојде до зафаќање на нервниот систем. Препораките се граѓаните да користат средства за заштита, да носат облека која го покрива телото, а во периодите кога комарците се најактивни, да го намалат престојот на отворено.

Петар Догов

Jumbo 2