Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Политички реакции по изборите во Србија

/

Македонија

Сподели преку :

Политичката промена во Србија ја отвори дебатата во Македонија за демократските процеси и одговорноста на власта. Опозицијата во настаните во соседството гледа порака дека граѓанското незадоволство и барањата за промени можат да влијаат врз политичките текови во регионот. Лидерот на СДСМ, Филипче, оцени дека промените може да се одразат и врз македонската политичка сцена. Тој го поврзува владеењето на Вучиќ со политиките на власта предводена од Мицкоски.

„Тие бизнис, политички и медиумски спреги на Александар Вучиќ и до пред некое време на Виктор Орбан, се спрегите коишто го хранат, го хранеа режимот наш тука на Христијан Мицкоски. Пет тони дрога коишто директно водат до овие луѓе во Србија, а компаниите овде кај нас имаат директна релација со фирми блиски до премиерот Мицкоски“, изјави Венко Филипче, претседател на СДСМ. 

Од власта возвратија со контра-обвинувања до Филипче, за блиски релации со поранешниот претседател на Србија.

„Кога Филипче зборува против Вучиќ, на народот му текнува како седеа и пиеја до рани зори, како го пречекуваше на граница, како марихуаната одеше за Србија, како за директор на ЕСМ со Заев ставија човек на Вучиќ, како за ПР-шеф во партијата го ставија токму неговиот кум Башановиќ и многу други поврзаности за кои допрва ќе се дознава. Венко Филипче и Александар Вучиќ се едното исто“, изјави Валентин Манасиевски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ. 

ЛДП ја поздравува поддршката на српските граѓани за политички промени и порачува дека секоја власт мора да одговара за корупцијата. Од партијата велат дека за демократија се потребни независни институции, правда за сите и продолжување на патот кон Европската унија.

„ЛДП изразува надеж дека со овој демократски чин, Србија конечно се враќа на вистинскиот европски пат. Оваа победа е јасен сигнал и предупредување за сите регионални политичари кои мислат дека со контрола, монопол и трошење на народни пари можат вечно да го држат сопствениот народ во заложништво“, се вели во соопштението на ЛДП. 

Од Вреди, пак, го поздравуваат резултатот на албанската коалиција на изборите во Србија, но ја честитаат и победата на Студентската листа. Оттаму очекуваат новата Влада да ги почитува правата на малцинствата, но и да отвори ново поглавје во односите со Косово.

„Се надеваме дека новата Влада на Србија ќе најде сила и политичка волја за дијалог и соработка со Република Косово. Дијалог помеѓу рамноправни страни, кој треба да кулминира со меѓусебно признавање помеѓу две независни држави“, се вели во соопштението на Вреди. 

Во однос на прашањето за предвремени парламентарни избори, од најголемата опозициска партија СДСМ денеска повторно го повторија ставот дека немаат намера да бидат алиби на власта – претседателот Филипче вели „тие имаат двотретинско мнозинство, самите нека одлучат“.

Петар Догов

Jumbo 2