Поранешниот градоначалник на Карпош Стевче Јакимовски доби нова полициска кривична пријава со која се товари за несовесно работење во службата бидејќи и покрај укинат ДУП потпишал документација за наплата на комуналии за изградба на зграда, а за која самиот забранил издавање на одобренија за градба. Покрај него, за случајот првоосомничени се шефицата на Секторот за урбанизам во општината и службеничка во истиот сектор.
„Третопријавениот потпишал договори со инвеститорите за регулирање на надоместокот за уредување на градежно земјиште без да изврши увид дека тие договори се однесуваат на барања поднесени за локација за која бил укинат ДУП и за кои самиот дал насоки да не се издаваат одобренија за градење, прво и второпријавените на 23.07.2025 на инвеститорите им издале Одобрение за градење“, велат од МВР
Објектот според пријавата на МВР вредел околу 215 илјади евра, а општината дозволила и изградба на натстрешница за која било утврдено дека е дивоградба и требало да се урне. Одобренијата за градба се издадени според ДУП кој во 20218-та бил укинат од Уставниот суд, наведува МВР. Последниот документ од страна на службеничките бил потпишан 4 дена пред вториот круг на ланските локални избори кога Јакимовски изгуби од Сотир Лукровски. Пријавата е испратена до скопското обвинителство.
МВР ја поднесува пријавата само неколку дена откако Врховниот суд му ги укина пресудите за една година затвор на Јакимовски кој во моментот ја издржува казната, но е на болничко лекување. Врховниот суд се уште не ги известил пониските судови со што Јакимовски, како и осудените за Ласкраци чија пресуда беше укината- се уште се во затвор без правосилна судска пресуда со изречени казни.
Миомир Серафиновиќ













