Започна изградбата на делницата од автопатот Кичево – Букојчани, во должина од 12 километри, која треба да ги поврзе автопатите Охрид – Кичево и Букојчани – Гостивар.
Автопатот ќе се гради на планински терен, а поектот предвидува современ автопат со две коловозни ленти, помошна лента од секоја страна и зелени појаси.
„Ќе добиеме непрекинат автопат од Скопје, преку Тетово, Гостивар и Кичево, до Охрид. Тоа ќе биде современ автопат без застанување, односно без патарини. Се надеваме дека патувањето од Скопје до Охрид ќе трае помалку од еден и пол час“ рече Коце Трајановски, директор на ЈП за државни патишта.
„Проектираната брзина на движење ќе изнесува од 110 до 130 километри на час. Она што е најтешко е изградбата на пет мостови и вијадукти, еден тунел долг 370 метри и две клучки, што е исклучително значајно“, изјави министерот за транспорт, Александар Николоски.
Делницата е дел од Коридорот 8 се финансира со заем од 119 милиони евра од Европската банка за обнова и развој и грант од 20 милиони евра од Европската Унија.
„Посветени сме преку вакви инфраструктурни проекти, да ја зајакнеме инфраструктурата во земјата и да дадеме поттик за развој на приватниот сектор“, рече Фатих Туркменоглу, шеф на Канцеларијата на Европската банка за обнова и развој.
„Додека заеднички ја градиме клучната инфраструктура, Европската Унија останува посветен партнер на Северна Македонија. Поддржуваме земја штода биде подобро поврзана и поконкурентна, а со тоа и важен придонесувач за подобро поврзана и поконкурентна Европа“, рече амбасадорот на ЕУ, Михалис Рокас.
Премиерот Христијан Мицкоски го истакна значењето на двата паневропски коридора и стратешката позиција на Македонија како нивна крстосница.
„Да бидеме раскрсница на два паневропски коридора – Коридорот 8 и Коридорот 10, во однос на патната, железничката, енергетската и гасната инфраструктура. На тој начин, геостратешкото значење на земјата станува можност за сите граѓани, но и предуслов за развој на современи индустрии. Државата добива поголема додадена вредност во споредба со она што го имавме во изминатите години“, рече Мицкоски.
Завршени се 97 проценти од експропријацијата на земјиштето на трасата. Автопатот треба да биде изграден за четири години, а работите ќе ги изведува конзорциумот „Штрабаг“ и „Дуна“.
Емилија Мисирлиевски













