Сообраќајот на магистралниот пат Битола–Прилеп, во близина на бензиската пумпа Пелагониja Петрол, е во прекин од 9 часот утрово поради сообраќајна несреќа во која учествувале повеќе возила.
Од СВР Битола потврдуваат дека се случила сообраќајна несреќа, но засега нема повеќе детали. Патот е затворен за сообраќај, а возилата се пренасочуваат по алтернативен правец, односно по стариот пат Битола–Прилеп.
Нема информации за жртви, а во Клиничката болница Битола се примени вкупно осум повредени лица. Од нив, шест се згрижени на Одделението за хирургија. На Одделението за ортопедија е хоспитализирана една жена, кај која е констатирана фрактура на бутната коска и, според првичните проценки, најверојатно ќе биде оперирана. Еден од повредените, странски државјанин, е на операција, додека останатите, според првичните информации, се во стабилна состојба.
Од Клиничката болница Битола информираат дека кај сите повредени пациенти континуирано се следи здравствената состојба. Во готовност се и дополнителни медицински екипи, кои ќе бидат повикани доколку има потреба
Емилија Мисирлиевска













