Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција отвори истрага против шест физички и две правни лица поради сомнение за проневера во службата и перење пари.
Според обвинителството, првоосомничениот, сопственик и управител на фирма од Кучевиште, во периодот од јануари 2021 до јануари 2026 година присвоил 138,87 милиони денари, односно околу 2,26 милиони евра.
Сомнителните средства, според истрагата, биле прибавувани преку лажни извештаи за наплатени надоместоци при регистрација на возила и невистинити уплатници за надоместоци за јавни патишта.
Парите потоа биле префрлани меѓу сметки на повеќе правни лица и мешани со приходи од редовното работење, а дел од средствата биле искористени и за купување недвижности.
Меѓу осомничените се и двајца членови на одборот на директори на осигурително брокерско друштво, сметководител, раководител на станица за технички преглед и помошник-директорка за финансии во ЈП „Државни патишта“.
Обвинителството побара притвор за тројца осомничени и мерки на претпазливост за еден, со цел да се обезбеди нивното присуство во текот на истрагата.













