На 19-ти јуни е доставена во Собранието, но до летните одмори пратениците не ја разгледааи изгласаа и го продолжија ваакумот- Македонија да нема активна стратегија за борба против корупцијата. Иако главна хоризонтална област во Националната стратегија се јавните набавки и Антикорупциската комисија бара јавност и транспарентност при подготвување и носење на закони за стратешки, во периодот по приемот на документот- група пратеници од владеачкото мнозинство сепак решија да предложат Закон за Скопје 2028 за кој нема да важи Закон за јавните набавки. Во стратегијата се предлага, таквите исклучоци да се прават по нов закон за капитални инвестиции со транспарентен процес, јавно објавени документи, а не како досега да се кријат како деловни тајни, како што е во случајот со Коридорите 8 и 10 или патот Кичево-Охрид. Во стратегијата стои дека покрај носењето на законите за одделни проекти за автопатишта и инфраструктура треба и ефикасен надзор, кој властите „стручно“ го избегнуваат со недавање доволно пари за надзор.
– Иако законски, контролата при реализацијата на јавните инвестиции е задолжителна, заради политички вмешувања и други влијание оваа контрола е нефункционална. Прв проблем е што при самото буџетирање на јавните инвестиции не се планираат соодветни средства за надзор, поради што и самиот квалитет на надзорот се доведува во прашање. Многу често иако контролата ќе покаже недостатоци во реализацијата на јавните инвестиции, не се преземаат никакви мерки за отстранување на тие недостатоци, стои во Национална стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2026-2030.
Јавните набавки се клучни и најсомнителни за злоупотреби и корупција, преку местење, договарање, злоупотреби на електронските аукции и треба промена на Кривичниот законик за да се заостри битката. Оние што ја следат антикорупциската борба, велат дека Стратегијата не смее да стане само пишан документ.
– Таа предвидува но тоа треба да се спроведе во пракса. Секогаш знаеме дека проблемите кои што се случуваат со корупцијата се поврзани со практичното дејствување на определени лица, нели назначени во делот на јавните набавки, кои што заобиколуваат или не применуваат одредени законски одредби на штета на едни, а во корист на некои други вели Благоја Пандовски, претседател на Транспаренси Интернешнл-Македонија.
Антикорупциската преку стратегијата бара Собранието не само да ја носи туку и да ја контролира извршната власт како ја применува.
– Во пракса, Собранието релативно помалку ја користи надзорната во однос на регулаторната функција, поради што отсуствува политичката контрола над извршната власт. Тоа најдобро се гледа и во реализацијата на Националната стратегија за спречување на корупцијата 2021-2025 која има релативно низок степен на реализација на мерките и активностите, кои во најголем процент беа предвидени за носителите на извршната власт при што Собранието не презеде активности во рамките на својата надзорна функција, се вели во Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2026-2030.
Претходната Стратегија истече лани, новата која треба да се изгласа ќе важи до 2030-тата кога според предлогот на ДКСК, државата треба да изработи АИ алатки и со вештачка интелигенција да се бори против корупцијата.
Миомир Серафиновиќ













