Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Не се знае кога ќе проработи ПЕТ-скенот, листата на чекање на пациентите со канцер станува се подолга

/

Македонија

Сподели преку :

Не се знае кога ќе проработи единствениот државен ПЕТ-скен во земјава, а пациентите со канцер се оставени да чекаат на прегледот со кој се одредува место за биопсија, планирањето на терапијата и дали истата има ефект, а се утврдува и дали се проширил канцерот и како треба да се продолжи со лекувањето.

Од универзитетскиот институт  велат дека се работи за проблем во производството на радиоизотопи, а овластениот сервисер интензивно работи на проблемот и преземени се сите чекори што поскоро циклотронот да се стави во работен процес.

  • „Со цел непрекинат и континуиран работен процес, и со цел следење на протоколот за превентивно одржување на дифузионата пумпа, нејзино чистење и замена на маслото на секои 5 години, производствениот процес ќе продолжи штом сите дефекти ќе бидат отклонети и запазени сите услови за непречено негово функционирање како што налагаат протоколите“ – УИ ПЕТ.

Оттаму додаваат дека во последните два месеци имале неколку редоследно активни проблеми, но не одговараат на прашањето кога го известиле сервисерот и кога почнал да работи на проблемот.

  • „Ќерка ми беше директно таму и правеле сервис и рекле до крајот на месецот нема шанси да се направи. Инаку јас чекам веќе 3 пати ме враќаат“, се пожалила една жена на социјалните мрежи пред 3 недели. Друг напишал дека си платиле во приватните болници каде прегледот ги чинел 79.500 денари.

Од Министерството за здравство велат дека состојбата е последица на системски пропусти акумулирани низ подолг период.

  • Министерство за здравство: „За разлика од претходната пракса на занемарување, ова раководство презема конкретни и континуирани чекори за трајно надминување на проблемот – вклучувајќи активности насочени кон набавка на нова опрема, со цел здравствениот систем повеќе да не зависи од еден единствен апарат. Свесни сме за тежината на состојбата за пациентите со онколошки заболувања, поради што Клиниката за онкологија и радиотерапија и Клиниката за хематологија се веќе информирани за понатамошна тријажа преку други достапни дијагностички модалитети, со цел лекувањето да не трпи прекин.“

Фирмата НЕТ-Електроникс во март годинава го потпишала договорот за редовно сервисирање во износ од околу 218 илјади евра во траење од една година. Според договорот, фирмата треба да изврши два редовни превентивни сервиси на циклотронот, кој е всушност поврзан со производството на радиоизотопи. Од НЕТ-Електроникс до објавувањето на прилогот не одговорија на прашањата на Телма, кога биле известени за проблемот и кога почнале да работат на негово санирање и дали откако го добиле договорот извршиле редовен сервис.   Инаку фирмата и во 2024 и лани исто така го добила тендерот за сервисирање на ПЕТ-скенот.

Марија Митевска

Б.С.

Jumbo 2