Дијалогот со Бугарија, премиерот Христијан Мицкоски очекува да продолжи и да се оствари напредок во преговорите. Ова следи по средбата во четвртокот во Софија, која беше оценета како конструктивна, но без приближување на ставовите.
Бугарската министерка за надворешни работи, Велислава Петрова-Чамова вчера порача дека ставот на нејзината земја е непроменет, а условите се јасни – спроведување на договорот од 2022 година и исполнување на обврските. Излезот од блокадата премиерот Мицкоски го гледа преку разговор.
„Јас се радувам дека тој дијалог почна. Јас се радувам што за дијалогот се запознаени нашите меѓународни партнери. Тоа е убавината во демократијата да разговарате кога имате различни ставови, а умешноста во демократијата е кога тие различни ставови ќе ги приближите и на крај ќе дојдете до компромис. Јас очекувам дијалогот да продолжи да се води и во одреден момент ставовите да се приближат и да дојдеме до решение“, изјави премиерот Мицкоски.
Дали би имало нова средба пред декемврскиот самит на ЕУ, Мицкоски порача да се остави процесот да се движи по природен пат, а јавноста ќе биде навремено информирана.
Политикологот Џенур Исени смета дека со една средба не може да се надминат суштинските разлики и нарушената доверба во изминатите години, но дијалогот е клучен за остварување напредок.
„Значи да нема нови условувања, особено да се почитува идентитетот и јазикот. Истовремено треба да има добра волја да се преземат обврските кои произлегуваат од билатералните договори што државата ги потпишуваше во минатите години, но сето тоа треба да се направи не со политичка конфронтација, туку со добар политички дијалог“, смета Исени
Бугарските власти порачаа дека обврската за вклучување на Бугарите во Уставот е услов за вистинско отворање на преговорите на Македонија со ЕУ и од тоа нема отстапување.
Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски предупреди на високата недоверба помеѓу двете земји, нагласувајќи дека дијалогот ќе продолжи во духот на добрата волја, но со почитување на македонските државни интереси.
Марија Митевска













