Околу 106.000 дозволи за престој и работа на странски државјани се издадени во Хрватска од јануари до крајот на јули оваа година, што е за 7,5 проценти помалку во споредба со истиот период лани. Бројот на дозволи за нови вработувања е речиси преполовен, додека бројот на продолжувања на постојните и сезонските дозволи е зголемен.
Директорот на Хрватската служба за вработување, Анте Лончар во изјава за ХРТ истакна дека во Хрватска моментно се вработени околу 155.000 странски работници. Оваа година, како што посочи, се издадени 41.716 дозволи, што е половина помалку од минатата година.
Најголем број на странски работници доаѓаат од Босна и Херцеговина, околу 19.500. По неа следува Србија со повеќе од 17.800 работници, потоа Филипините со околу 15.700 и Непал, Северна Македонија и Индија.
Најголемиот број дозволи, над 43.500, се издадени за работа во туризмот и угостителството. Околу 27.000 се издадени во градежништвото, околу 12.000 во индустријата, повеќе од 6.500 во сообраќајот и комуникациите и малку повеќе од 6.300 во трговијата.













