Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Македонија во топлотен бран и температури до 40-от степен

/

Македонија

Сподели преку :

Високи температури до 40-от степен, топлотен бран кој ги зголеми повиците во Итната медицинска помош. Различни возрасни групи со колапси, зголемен број на сообраќајни незгоди и итни интервенци кај хронично болни. На терен се и мобилните екипи на Црвен крст кои патролираат низ Скопје.

„Беа ангажирани 51 волонтер, над 7.000 шишиња вода, 20 интервенции асистенции и еден транспорт. Волонтерите се мобилни тимови кои оперираат низ централно градско подрачје, низ оние места каде има постара популација, каде што имаме раздвижување, генерално се зелените пазари, Клинички центар и секоја здравствена установа“, вели Арѓент Чиљафи од Црвен крст.    

Лекарите со препораки и совети до граѓаните да избегнуваат движење на отворено во периодот меѓу 11 и 17 часот, да се придржуваат до насоките во однос на внесот на течности и соодветна исхрана. Ризичните групи, хронично болните, возрасните лица над 65 години, бремените жени треба да бидат особено внимателни. Но, дел од граѓаните велат дека мораат да излезат баш во тој период.

„Јас секој ден одам, сопругата ми е во болница од комарец касната. И затоа морам да одам во тоа време. Се враќам секој ден, е така. Во 11:30 часот тргнувам од Драчево и се враќам во 13:30 часот. Е сега колку ќе биде, морам. За болест мора да трчаш, а инаку би седел дома. Кој е будала да оди на оваа жештина“, вели скопјанец.

„Ги почитуваме ама, сепак, сме на пазар. Не можеме да седиме дома, мора да работиме. А народ до кај 11-12 часот преку сила нема“, рече скопјанка со тезга на пазар.

Телма: Имајќи ги предвид препораките, Вие сте излезена во период кога не би требало да бидете надвор?

„Е така е, ама некои работи немаат замена, мора да се излезе тогаш“, смета жителка на главниот град.

Телма: Го користите ли јавниот превоз, дали се редовни автобусите?

„Катастрофа. Што чекаме, чекаме и додека да стигнеме, и улицата се прави, сега и мостот се прави кај Драчево, тоа е нон сенс“, рече скопјанка.

Веќе трета недела речиси целата земја е во портокалова фаза. Се очекува веќе во четврток да се намалат температурите.

„Денеска и во текот на утрешниот ден ќе имаме топло време со дневна температура која очекуваме да го достигне 40-от степен. Во делови од скопската котлина на повеќе места, каде се мери температурата, се очекува да се достигне 39, па и 40 степени во текот на денешниот ден. Стабилно, сончево и многу топло ќе биде и утре, со дневна температура до 40 степени. Веќе во четврток се уште ќе биде топло и Скопје ќе биде еден од потоплите градови, но во попладневните часови ќе има локална појава на нестабилност со пороен дожд и појава на грмежи и засилен ветар. За Скопје не се очекуваат некои врнежи и нестабилност“, изјави Јулијана Фиданоска – Мишкоска од УХМР.

Заладување може да се очекува дури во петок за пет до шест степени. Меѓу препораките на Институтот за јавно здравје во време на топлотен бран се и контролата на микроклиматските параметри на работните места на отворен и на затворен простор кои имаат свои специфики.

Нина Стефанова

Jumbo 2