По повеќе од 24 часа борба со огнената стихија, пожарот кај селото Лознани, на границата меѓу општините Могила и Прилеп, е локализиран во најголем дел. Според битолската противпожарна единица, околу 85 отсто од пожарот е ставен под контрола.
Пожарникарите и локалните жители спречиле огнот да ги зафати куќите. Засега нема пријавено штета на објекти, иако ситуацијата била исклучително ризична поради сувата трева и силниот ветер.
Во гаснењето била ангажирана целата расположлива сила на битолската пожарна, како и тимови за брз одговор од Дирекцијата за заштита и спасување со четири возила „Пинцгауер“.
Надлежните предупредуваат дека и понатаму постои опасност огнот да се прошири кон други населени места.













