Додека во Собранието од денес влегува во постапка Предлог-законот за проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, кој предвидува и основање на Фондација, градоначалникот Орце Ѓорѓиевски веќе го назначи екс директорот на МРТ, Марјан Цветковски за директор на Фондација која правно сè уште не постои, регираат денеска од Левица.
Велат дека ова назначување го отвара наједноставното, најлогично, но и најсуштинско прашање: врз основа на кое законско овластување е извршено ова назначување?
- Според Предлог-законот, директорот на Фондацијата го именува Управниот одбор. Но Управен одбор сè уште не може да постои, бидејќи Фондацијата не е основана со закон. Ова покажува дека кадровските решенија се однапред договорени, а законот треба само дополнително да ги легализира. Дополнително загрижува изборот на Марјан Цветковски, човек чие долгогодишно управување со Македонската радио-телевизија остана запаметено по финансиски проблеми, висока задолженост и бројни критики во ревизорските извештаи, пишуваат во соопштението од Левица.
Појаснуваат дека во 2019 година, Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава против Цветковски поради сомнение за злоупотреба на службената положба. Според тогашните информации, при обезбедување кредит од околу 2,5 милиони евра за набавка на техничка опрема, под хипотека бил ставен имот на МРТ без соодветна согласност од Собранието, при што била направена штета од околу 154 милиони денари.













