По 5 години и голем број на докази, Абази го заштити Филипче со чување на предметот и доказите во фиоките на обвинителките Вилма Русковска и Елизабета Јосифовска од СЈО. Еве зошто Филипче, кој треба да одговара за модуларните болници, Абази директно го заштити, рече на денешната прес-конференција Миле Лефков, член на ИК и пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, Артан Етеми, поранешниот економски директор на тетовската болница, кој беше осуден на една и пол година затвор за случајот со модуларната болница, до последен момент одбивал да ја прими и да ја пушти во употреба модуларната болница.
Да потсетиме, болниците кои биле набавени и поставени како стоки, кои во ниту еден случај не можат да бидат користени како објекти за здравствена дејност, биле направени според техничка спецификација на лице поставено од Венко Филипче.
Катастарот одбивал да врши упис на истите, бидејќи се набавени како стоки и нема извештај од надзор, согласно член 74 од Законот за градење, за да се запишат, а Катастарот врши упис само на недвижности.
Економскиот директор на тетовската болница, каде што се случи пожарот, до последен момент се противел на поставување на модуларните болници, бидејќи не се опремени за да се издава здравствена и медицинска нега ниту пак биле во рамките на законските прописи. Сепак, со одлука на Министерството за здравство и тогашниот министер Венко Филипче, модуларните болници се пуштаат во употреба, рече Левков.













