Го повикуваме Јавното обвинителство да отвори случај по допрен глас за молкот на Филипче, кој како министер за здравство, не постапил за ниту една од 400 анализи кои му биле доставени за загадена вода во Гостивар и на територијата на Македонија – изјави денеска Миле Лефков, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ и член на Извршниот комитет на партијата.
Тој го обвини опозицискиот лидер, Филипче дека додека бил министер за здравство знаел дека „граѓаните со години конзумирале небезбедна вода во Гостивар, а сепак не постапувал“.
„Документите кои ги добивме од свиркачи, за анализите и испитувањата за квалитетот на водата кои ги правеле надлежните институции, докажуваат дека Филипче како министер за здравство, не преземал ниту една мерка за нејзино решавање, а денеска како без срам обвинува за голготата која жителите на Гостивар ја поминаа токму поради него и неговите коалициски другари Ахмети и Таравари“, додаде Лефков.
Обвинителството мора да постапи и да даде одговор на следните прашања:
Зошто со години граѓаните не биле известувани дека водата која ја користеле за пиење не била безбедна? Зошто со години не биле преземени чекори за санација на овој проблем? Зошто надлежните институции предводени од тогашната власт на СДС не постапувале по добиените извештаи? Зошто Филипче како министер за здравство молчел и не постапувал?













