Улично куче искасало дете на возраст од година и пол во дворот на семејниот дом во Шуто Оризари, информираат неговите родители, пренесува РомаПрес.
Кучето влегло во дворот од семејната куќа каде што било и детето. Кога мајката се обидела да го избрка кучето, животното, според сведочењето на семејството го нападнало детето.
Детето се здобило со повеќе каснувања и повреди по телото, меѓу кои и во пределот на лицето, увото и трупот. Веднаш било пренесено во здравствена установа, каде што му била укажана медицинска помош.
Според медицинската документација, случајот е евидентиран како каснување од куче. На детето му била дадена вакцина против беснило, а лекарите препорачале продолжување на предвидените дози и примање антирабичен серум согласно медицинската проценка.
Случајот e пријавен во полиција.













