Најавеното предавање на моштите кои се поврзуваат со цар Самоил повторно го отвора прашањето за начинот на кој историското наследство се користи во актуелните односи меѓу Македонија, Бугарија и Грција. Историчарот и академик Стојко Стојков во договорот меѓу Софија и Атина гледа многу поширока порака од самата размена на историски предмети и останки.
„Она што се случува е чисто политичка и идеолошка матрица и игра за жал, затоа што и двете соседни земји коишто имаат делови од Македонија и двете имаат македонски малцинства коишто тие отворено ги негираат, и двете имаат проблем со историјата и сакаат да ја наштимаат на начин Македонци да не постојат меѓутоа нивниот проблем е со нас, тие не сакаат да постоиме. Тие двете се договараат меѓусебно и си разменуваат симболи коишто се за жал насочени против нас. На овој начин ќе биде искористено тоа во Бугарија, многу жално затоа што тоа само ќе разбуди омраза, многу луѓе во Бугарија не кријат дека веруваат дека тоа ќе биде крај на македонизмот, тоа што апсолутно нема да биде“, вели Стојко Стојков, историчар и академик.
Во исто време, договорот меѓу Бугарија и Грција предвидува размена на културно наследство. Според информациите објавени во грчките медиуми, Бугарија треба да ѝ врати на Грција 48 православни црковни реликвии кои биле изнесени од манастири во областа Драма за време на Првата светска војна. Стојков вели дека додека македонската и бугарската историска комисија расправале, во позадина течеле ваквите договори меѓу Софија и Атина.
„Но гледаме дека во целата оваа работа нема наука, нема стремеж кон добрососедство или како што ни кажуваат европска некоја иднина, ги гледаме старите сеништа на Балканот од 19 век во коишто се користат историски фигури за да се наметнува власт, влијание, да се оспорува право на постоење и тн коешѓто е многу жална работа. И двете земји се длабоко закопани во минатото иако нас не советуваат да не гледаме назад“, вели Стојков, историчар и академик.
Според објавата на бугарскиот премиер Румен Радев, предавањето на наводните останки од Цар Самуил ќе се изврши в сабота, на 3 октомври.













