Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Кои се техничките министри од ВМРО ДПМНЕ?!

/

Македонија

Сподели преку :

Релативно непознати за јавноста, но не и во политичките кругови. За досегашните ангажмани на предложените министри од ВМРО-ДПМНЕ, имаше бројни партиски препукувања, а се водеа и судски процеси.

Панче Тошковски, предложен за министерската функција во МВР е познат како адвокат на партијата. Беше бранител на неколкумина функционери и партиски членови во случаите на поранешното СЈО, а го бранеше и Митко Пешов, раководител на одделот за посебни единици во полицијата, за настаните од 27 април.

Даваше и адвокатски и советодавни услуги на поранешен ЕЛЕМ, сега ЕСМ, токму во времето кога таму беше директор Христијан Мицкоски. За овој ангажман подоцна СДСМ обвинија дека, биле склучени два договори со кои Тошковски во два наврати од компанијата добил 168 илјади евра за адвокатски услуги.

Тој тогаш демантираше, а истото го стори и Мицкоски во синоќешната Топ тема на Телма, велејќи дека се работело за договор по учинок, кој се исплаќа по завршена работа, а е продолжен од страна на директорот кој го наследил. Тврди дека за ова имало судски процес што СДСМ го изгубиле.

За кандидатот на опозициската партија за министер за труд и социјална политика, Ѓоко Велковски, сè уште се свежи написите кога стана генерален секретар на Град Скопје. Тој беше првиот што ја извршуваше оваа функција кога Данела Арсовска стана градоначалничка, но набрзо ја напушти функцијата.

Тврдеше дека си дал оставка, а Арсовска дека бил разрешен, поради негово влијание во спорна тендерска постапка за изградба на пречистителната станица во вредност од 136 милиони евра. Велковски тогаш ги отфрли обвинувањата како клеветнички и најави тужба против градоначалничката. Мицкоски, пак, тврди дека и овој судски процес е завршен во нивна корист.

Елена Петрова, која е предложена за заменик-министер за финансии е дипломиран економист со над 25 годишно работно искуство во УЈП. Седум години била управник во Дирекцијата за јавни приходи за големи даночни обврзници, а претходно и раководител на даночното одделение во Свети Николе, каде била и на други раководни позиции.

Стефан Андоновски, предлог за заменик министер за информатичко општество, е меѓународен секретар на партијата и советник во Советот на Град Скопје.

Кандидатот за заменик министер за земјоделство, Цветан Трипуновски, во претходната техничка влада, исто така, беше на оваа позиција.

Иако уште не стапиле на функција, нивните досегашни работни ангажмани беа доволна причина за оцрнување од страна на политичките опоненти.

Се тресеше гората во Белата палата и на крајот ДПМНЕ за техничката влада понуди слаби и нестручни кадри.Дел од кандидатите се лични пријатели на Христијан Мицкоски, дел се кадри од времето на Никола Груевски за кои има поднесено кривични пријави, дел се поранешни функционери во град Скопје, но ниту еден нема зад себе резултати, тврдат од СДСМ.

Сите потенцијални министри се предложени од партискиот лидер, кој синоќа не го криеше тоа и најави дека во партијата ќе бидат избрани и членовите на министерските кабинети.

Далиборка Демјанска Цветановска

 

Jumbo 2