Ако нешто звучи премногу добро за да биде вистинито, тогаш многу веројатно не е. Во оваа стара мудрост повторно се уверија десетици, а веројатно и стотици македонски граѓани, и уште повеќе во регионот откако останаа кој без стотина, но кој без илјадници евра, во најновата интернет измама ARBIQ која нуди работа од дома.
Се излажале на интернет оглас за работа со алатки за вештачка интелигенција.
Нова шема, многу слична на Конти, која пред две години измами околу 15 илјади граѓани.
Шемата е следна: Огласи за работа од дома со користење вештачка интелигенција се појавуваат на Фејсбук и на Инстаграм. Луѓе на кои им треба работа се пријавуваат. Им пишува таканаречен ментор, кој ги зачленува во Телеграм група на таканаречени „вработени“, во која веќе членуваат неколку илјади луѓе, кои пишуваат што сработиле и колку заработиле. Менторот ги води низ процесот – како да се регистрираат, како работи системот, што се нивните задачи и како да заработат. Може да се изработуваат логоа, гласовни проекти со вештачка интелигенција, реклами, видео монтажа и да се изработуваат интернет страници.
За да почнат да работат требало да купат чипови, односно да закупат процесорска моќ за вештачката интелигенција да може да ги заврши зададените задачи. Всушност не требало да ги купат чиповите, туку да остават депозит како гаранција дека сериозно планираат да работат и оти кога ќе ги завршат зададените задачи, депозитот ќе им биде вратен. Што поскап чип купат, тоа повеќе работни задачи добиваат со што и можноста за заработка се зголемува. Најевтиниот чип бил 17 евра за три месеци, кој бил за изработка на логоа, со кој можело да се заработат по 22 евра месечно. Најскапиот бил за наводна изработка на веб апликации, кој чинел 2979 евра годишно, а со кој можеле да се заработуваат по 1500 евра месечно. Се плаќа во криптовалути. Таканаречените ментори им продале приказна дека фирмата е регистрирана во Англија.
„Така си размислувам, ајде не се големи пари, да пробам нешто и тоа беше негде околу 20 евра. Го плаќам чипот, легално од картица. Чипот е процесорска моќ да може таа вештачка интелигенција да прави некоја слика или глас или видео, зависи колкава моќ има толку повеќе чини. Го купив најмалиот чип да правам логоа и требаше да правам четири дневно од кои заработував 1,5 евра, чисто да видиме како ќе оди. И си тераше тоа некои 15 до 20 дена и јас направив 30-тина евра заработка. Отидов и пробав да извадам пари, легално се извадија за 5 минути, си легнаа парите, извадив 20 евра“, раскажува измамен граѓанин кој инсистираше да остане анонимен.
Тоа што успеале да си подигнат вистински пари ги уверило измамените дека се работи за легитимна работа, и ги охрабрило да вложат повеќе пари за и можноста за заработка да им се зголеми. Некој вложил по 250 евра, но има луѓе што вложиле и по над 5 илјади евра за да може да работат цела година.
Таканаречените ментори увериле една жена од Македонија, која исто така е меѓу измамените, да им помага на луѓето кои не се снаоѓале со уплата на криптовалути, па тие уплаќале пари на нејзината банкарска сметка, а таа купувала криптовалути за да ги уплати во нивно име. Има 20-тина вакви граѓани, кои само преку неа уплатиле околу 10 илјади евра, па дури и преку нејзината сметка ја подигнувале „заработката“.
Со оглед на тоа што фирмата наводно имала многу работа и не може да постигне, менторите ги уверувале зачленетите да донесат нови „работници“, а тие ќе добиваат процент од работата што ќе ја завршат тие што ќе ги донесат. На некои од измамените ова веќе им замирисало на пирамидална шема, но оние што ќе почнеле многу да прашуваат, биле бришени од телеграм групата.
Менторите увериле една од измамените да организира промоција на мрежата во кафуле во Скопје за да регрутира повеќе луѓе од кои и таа ќе добива процент. Дури ѝ ги платиле и трошоците за промоцијата. Најчесто заглавувале пријатели и роднини за и тие да заработат некој денар плус.
Со менторите се допишувале на српско-хрватски јазик, но никогаш не разговарале со нив телефонски или на кој било друг начин. Биле уверувани дека е забрането затоа што за секоја комуникација морало да има пишана трага.
Кога по неколку месеци зачленетите биле уверени дека ова е легитимна работа и почнале да уплаќаат пари за поскапи чипови со кои и повеќе ќе заработуваат, на 6 септември сајтот згаснал, телеграм групите се исклучиле, а измамените останале без нивните пари, кои на регионално ниво веројатно се бројат во милиони евра.
Жената преку чија банкарска сметка биле уплаќани парите добивала и закани од некои од измамените. Кога сфатиле дека се измамени, пријавиле во полиција.
„Во Одделението за компјутерски криминал при СВР Скопје има пријава од едно лице на 05.10.2026 за интернет измама на платформа за вештачка интелигенција ARBIQ. Известен е јавен обвинител и се преземаат мерки и активности со цел пронаоѓање на сторителот на кривичното дело“, велат во МВР.
Кога целата работа пукнала, измамените почнале да спроведуваат и сопствена истрага. Идентитетите на таканаречените ментори се лажни, а користеле фотографии од други луѓе. Дел од нив од Бугарија. Се сомневаат дека во измамата повторно биле вклучени дел од луѓето од измамата Конти од пред две години. Проценуваат дека бројот на измамени во регионот се движи до неколку илјади, но со оглед на тоа што измамените не се познавале меѓу себе, а не знаат ни колку од членовите на телеграм групите, кои имале по неколку илјади членови, биле вистински, а колку фиктивни, не можат да утврдат точна бројка.
Некои од групите на Фејсбук и Инстаграм преку кои се ширеле рекламите се избришани, но дел само го имаат сменето името.
Во шемата биле вклучени граѓани од целиот регион. Со оглед на тоа што плаќањето во криптовалути одело и преку платформи регистрирани во Холандија, еден српски државјанин кој работи во Западна Европа, а кој инсистира на анонимност пријавил и во холандската полиција и во Еуропол. Пријавиле и во српската полиција, поради тоа што дел од граѓаните се регистрирале преку интернет страница регистрирана во Србија. Страницата сега не постои.
„Сите ние игнориравме некои црвени знаменца кои ни се појавуваа во смисла на голема заработка, нереална заработка, и секој од нас веруваше во она во што сакаше да верува – дека тие заработки се вистински и дека ќе бидат вистински. И тоа е она што го натера секој од нас да ги вложи тие пари итн. Да ви кажам дека постојат примери од Македонија и од Србија, каде што луѓето подигнуваа кредити од банките за да ги вложат, за да дојдат до што поголем чип и што побрзо да ги повратат ветените пари. Кружи гласина низ групата дека едно од момчињата кои подигнале пари се обидел да се самоубие на денот кога исчезна платформата на 6 септември. Дека вложил над 10 илјади евра и кога сфатил дека е насамарен дека се обидел да се самоубие“, вели измамен српски државјанин.
Велат дека прибрале доволно докази за полицијата да може да почне да истражува. Рекламите на Фејсбук и на Инстаграм биле спонзорирани, што значи дека мора да биле платени со кредитна картичка со која може да се дојде до некое име. Во Србија се регистрирале преку интернет страница регистрирана во Нови Сад, што исто така може да биде трага.
Сложени и долготрајни истраги со неизвесен епилог
Ваквите истраги се многу сложени и траат со месеци, па и со години, а нема гаранција дека сторителите ќе бидат фатени, велат експерти по компјутерска безбедност со кои разговаравме. Измамата ја споредуваат со шибицарење, односно со измамите со кибритчиња под кои треба да се погоди топчето. Група луѓе, кои се дел од измамничката банда, глумат дека играат и добиваат. Потоа, измамникот ѝ дозволува на жртвата на победи кога се обложува за мали пари, но кога ќе вложи повеќе пари, тогаш топчето исчезнува.
„Дали ова е локална измама? Се сомневам и нема смисла да е локална измама или да е регионална само на балканскиот пазар, бидејќи измамата како таква многу лесно скалира за да биде глобална. Истиот систем, истата логика во позадина може да се направи. Единствено што треба да се изгради се сликите, односно локализацијата да биде за шпанско, португалско или за кое сакате говорно подрачје, да се локализира таа слика или тој интерфејс, сè друго во позадина е исто, исти луѓе ќе го работат, исти луѓе ќе ја тераат измамата, буквално би биле глупави ќе речам, да не ја направат глобално. Овие измами се глобални, затоа што со исти мастраф се добива најмногу заработка“, вели експертот за компјутерска безбедност Божидар Спировски.
Дали измамниците може да бидат откриени, зависи од тоа колку биле внимателни или вешти. Вообичаено за работи за меѓународни организирани криминални групи. Ако парите завршат или барем поминат низ земји кои не соработуваат со меѓународните истражни органи, пронаоѓањето е многу тешко.
„Ќе има такви моменти да се скријат низ такви држави. Тоа ќе биде Русија, затоа што Русија во моментов нема добра соработка со остатокот од светот, реално. Северна Кореја, дури и Кина, некои делови на Кина. Кина е огромна. Во Кина некаде некој локален тим ќе се направи, додека Кина го најде исто треба време, просто кажано. Африкански држави може да бидат. Каде било низ светот постојат јурисдикции кои не се баш толку активно вклучени во истрагите, сите ги знаат, сите ќе ги најдат, посебно кога сте во тој бизнис со криминал“, вели Спировски.
Слична измама во Македонија се случи пред две години, таканаречената афера Конти. Луѓе плаќале за да бидат дел од мрежа која заработувала од гледање филмски трејлери и кликање лајкови. Кога се собраа многу луѓе кои уплатиле многу пари, мрежата исчезна со милиони евра. Проценките беа дека се измамени околу 14 илјади граѓани.
Срѓан Стојанчов
Прилогот беше емитуван во изданието на КОД на 11.10.2026. на ТВ Телма.













