„Камерен музички десерт“ е насловен претстојниот концерт на виртуозот на пијано, Симон Трпчески во Македонската филхармонија. Сите професионални музичари знаат дека камерното музицирање е основна нишка во развојот на еден уметник и непресушен извор на инспирација, мотивација и себеистражување, вели Трпчески.
„Зошто „Камерен десерт“? – Камерната музика е синоним за заедништво, меѓусебно разбирање и почит, што сметам дека треба да биде порака во било кое заедничко работење, во било која сфера. Сметам дека тоа треба се почесто да го посочуваме и да се потсетуваме за напредок воопшто во сите сфери, во сите полиња во општеството во Македонија“, изјави Симон Трпчески, пијанист.
И токму тоа ме инспирира да ја споделам таа огромна димензија на љубов, порив и страст што ја имам за музиката, вели Трпчески за претстојните концерти на 2 ноември за кој билетите се веќе распродадени и вториот концерт закажан за 3 ноември. Разновидна програма со дела на Чајковски, Григ, Шостакович, Брамс, Розенблат и Конесон.
„Сакав да направам еден избор на програма кој што ќе биде за различни сладокусци, иако денес можам да кажам и не е нешто ново особено според интензитетот на живот воопшто во светот. Меѓутоа за различни сладокусци кога зборувам имено сакам да ѝ дадам значење на класичната музика заради нејзината најразновидна димензија“, додаде Трпчевски.
Во рамки на концертите ќе настапат како гости виолинистите Марина Чадо и Ѓорѓи Димчевски и Александар Земцов Гордон на виола, кој неодамна диригираше и со Македонската филхармонија.
Нина Стефанова













