Лага е дека Ива Михаилова и нејзиниот адвокат поминале на легален граничен премин тврди премиерот Христијан Мицкоски. Михаилова е нелегално пренесена преку граница, а Министерството за внатрешни работи (МВР) истражува и ќе открие на кој начин, вели премиерот. Порача дека нејзиниот татко, кој е осуден во „Детонатор“, и Ива која треба да ја докажува невиноста, ќе одговараат кога-тогаш.
„Жалам што политичкото водство во Бугарија се обидува на овој начин да покаже политички мускули, а не ја сфаќа штетата што си ја прават на меѓународен план. Тие избрале ваква политика. Жалам што тие наместо лице правосилно осудено да го вратат тука да ја отслужи казната, тие од него прават естрадна ѕвезда и кловн и жалам што млада девојка која најголемиот дел од својот живот и образование ги стекнала во својата татковина Македонија, одлучила да биде ова кое што денеска се претставува кај нашиот источен сосед. Но, еве ја гледам македонската јавност во очи и ви кажувам, кога-тогаш и едниот и другиот ќе се соочат со правдата“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Премиерот ги негира и обвинувањата на опозицијата дека бегството на Ива е договрено. Смета и дека опозицијата и Бугарија се на иста линија за овој случај, а дека целта се политички поени. А, од СДСМ денеска побараа оставка од министерoт за внатрешни Тошковски. Никој не одговара, сите бегаат, најмногу бегаат преку граница, велат од опозициската партија.
„Скандалот со договореното пуштање на Ива Михаилова мора докрај да се расчисти, со докази и со утврдување на кривична и политичка одговорност. Не театар, повикување амбасадор, потерници и најави притвор, префрлање одговорност, спинови. Одговорност, од прв до последен. Панче Тошковски јавно изјави дека граница е решето. А, кој раководи со МВР и кој е надлежен да ја обезбеди таа граница? – Тошковски. На сите ни е јасно дека Мицкоски го штити Тошковски“, изјави Александар Наумоски, член на ИО на СДСМ.
Макеоднското МВР се уште не добило ниту официјално известување од колегите од бугарското МВР од каде вчера беа децидни дека не преземаат никакви мерки за да утврдат на која локација се наоѓа Михаилова во Бугарија. Од таму јасно укажаа и дека според бугарскиот устав, бугарски државјанин не може да биде екстрадиран за кривично гонење, „освен ако тоа е предвидено со меѓународен договор, ратификуван, објавен и стапен на сила во Република Бугарија“.
Елена Ивановска Мукоска













