Синоќа на полноќ истече 30-дневната Кризна состојба во Општина Гостивар што беше воведена поради загадувањето на водата за пиење, изјави директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов.
„Со истекување на кризната состојба, институциите од централната власт, вклучително и ЈП „Водовод“ од Скопје се повлекуваат од контрола на квалитетот на водата. На ред е локалната власт да се погрижи гостиварци понатаму да пијат чиста и безбедна вода“, рече Ангелов.
Кризната состојба во Општина Гостивар беше прогласена од Владата на 20 јули, поради загадување на водата за пиење и неможноста на локалната самоуправа да се справи со настанатата состојба и епидемијата што погоди неколку илјади граѓани.













