Поранешниот лидер на ОВК, а потоа и премиер и претседател на Косово Хашим Тачи, како и неговите поранешни блиски соработници и високи претставници на Ослободителната војска на Косово, Кадри Весели, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи денеска беа прогласени за виновни за воени злосторства над повеќе од 300 лица, но не и за злосторства против човештвото.
Хашим Тачи и Јакуп Красниќи беа осудени на единствена казна затвор во траење од 25 години по четири точки од обвинението за воени злосторства и тоа за произволно апсење и држење во притвор на 385 лица, за сурово постапување извршено над 49 лица, измачување и брутално постапување на 303 лица и за убиствата на 96 лица.
За истите дела, Кадри Весели беше осуден на 18 години затвор додека Реџеп Селими на 13 годишна затворска казна.
„Овој панел одреди: казна затвор во траење од 15 години воен злостор противзаконско или произволно апсење или лишување од слобода, тоа е точка три . Казна затвор во траење од 4 години за воени злосторства сурово постапување, тоа е точка пет. Казна затвор во траење од 20 години за воено злосторство – мачење, точка седум и казна затвор во траење од 23 години за воени злосторства и убиства, точка девет. Овој панел ве осудува на единствена казна затвор во траење од 25 години во кои се смета и времето кое сте го поминале во притвор. Господине Тачи можете да седнете“, рече Претседавачот на судечкиот совет, американскиот судија Чарлс Смит третиот.
Во однос на тежината на кривичните дела, советот оцени дека сторените дела биле од голем обем и со многу сериозен карактер. Конкретно, широкиот опсег на кривичните дела се огледа во фактот што припадниците на ОВК ги извршиле во 14 општини во Косово, како и на одредени локации во две области во северна Албанија.
Припадниците на ОВК уапсиле и произволно лишиле од слобода најмалку 385 лица, ги подложиле на суров, нехуман третман и тортура, а 96 од нив и ги убиле. Сите овие кривични дела се од сериозна природа бидејќи произволното лишување од слобода повлекува дополнителни повреди на човековите права на жртвите. Суровиот третман и тортурата претставуваат тежок напад врз човечкото достоинство и врз менталното и физичкото здравје, додека убиството само по себе е едно од најтешките кривични дела“, рече претседавачот на судечкиот совет, американскиот судија Чарлс Смит третиот.
Наведувајќи примери за екстремна тортура и убиства, претседавачот на судскиот совет ги цитираше зборовите на професорот Хауард Зин:
„Ниту едно знаме не е доволно големо за да го скрие срамот од убивањето невини луѓе“.
На осудените лидери на ОВК во затворската казна ќе им се земе предвид и времето кое веќе го поминале во притвор.
Обвинителството бараше казна затвор од 45 години за обвинетите поради воени злосторства и злосторства против човештвото, вклучително убиства, тортура и прогон на цивили.
Изрекувањето на пресудата во живо во Приштина го следеа десетици илјади луѓе, силни поддржувачи на сега веќе осудените за воени злосторства лидери на ОВК, кои не само што ги сметаат за невини, туку и за херои на борбата за самостојност на Косово од Србија и поранешната Сојузна република Југославија.
Каков ефект во Косово ќе има изрекувањето на пресудата и прогласувањето на четворицата лидери на ОВК за виновни останува да се види.
Никола Илиевски













