Поранешниот вицепремиер Артан Груби денеска седна на обвинителна клупа, но рочиштето се одложи за 7 септември за одбраната да направи увид во доказите. Во случајот за слоупотреби во Државна лотарија, покрај Груби, се гонат уште седум лица, меѓу кои и екс директор на друштвото Перпарим Бајрами кој сè уште е во бегство.
Подготвени се осум кутии за докази за секој обвинет. Судијката Шуплиновска Јовевски изјави дека со оглед дека на обвинетите и нивните бранители им треба време за увид во доказите, подготовка на одбраната и достава на листа со нивни докази, главната расправа се одложи.
Судијката најави по две рочишта неделно и закажа 13 термини за судење во септември и во октомври, бидејќи станува збор за обемен предмет со 231 материјален доказ и седум сведоци на Обвинителството. Дополнително, и одбраната треба да предложи материјални докази и свои сведоци.
Бајрами, Груби и останатите се обвинети дека во текот на 2023 и 2024 презеле дејства со кои ги пречекориле своите посебни овластувања и должности и нанеле штета на „Државна лотарија“ во вредност од 507.632.173 милиони денари. На сите обвинети им се става на товар кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластување за кое е предвидена затворска казна од најмногу пет години.
Второобвинетиот Груби е во куќен притвор и одземена му е патната исправа, како мерка на претпазливост. По повеќе од 14 месеци во бегство, тој во февруари оваа година беше уапсен на граничниот премин „Блаце“.













