Артан Груби, поранешен прв вицепремиер, синоќа беше пречекан со факели и димни бомби во скопски Чаир, откако Кривичниот суд му ја укина мерката куќен притвор.
Одлуката е донесена по истекот на законскиот рок од 60 дена од поднесувањето на обвинителниот предлог.
Груби и натаму има забрана за напуштање на Скопје, а судот не ја прифатил понудената гаранција за враќање на неговиот пасош.
Груби е второобвинет во предметот „Државна лотарија“, во кој Обвинителството тврди дека при набавка на апарати за игри на среќа и видеолотариски терминали во 2023 и 2024 година била предизвикана штета од 9,7 милиони евра.
Во случајот се обвинети вкупно осум лица за злоупотреба на службената положба и овластување… Груби на судењето изјави дека не се чувствува виновен.
По 14 месеци бегство во Косово, Груби се предаде на граничниот премин Блаце на 23 февруари 2026 година, по што му беше определен куќен притвор.
Судскиот процес започна на 24 август, а Обвинителството тврди дека со спорните одлуки била овозможена набавка на опрема и приредување електронски игри на среќа, иако правото за тоа веќе ѝ било доделено на компанијата „Казинос Австрија“.













