Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Функционален систем и подобра иднина побараа граѓаните на Илинден

/

Македонија

Сподели преку :

Централната манифестација по повод Денот на Републиката и годинава традиционално се одржа на Мечкин Камен во Крушево, во организација на Собранието на Македонија. Но, претседателот на Собранието, Африм Гаши не присуствуваше на чествувањето, бидејќи отпатува во Египет на меѓународна конференција. На Мечкин Камен пред присутните се обрати потпретседателот на парламентот, Антонијо Милошоски.

Граѓаните што ги анкетиравме велат дека на Македонија ѝ е потребна функционална држава, подобро здравство, повисоки пензии и услови за младите да останат или да се вратат во државата.

„Да се подобри системот, целиот систем да функционира. Политичарите да мислат на младите, да има работа и тие да се вратат на своите огништа“, рече еден од присутните граѓани на Мечкин Камен.

„После 20 години се враќам во Македонија. Најважно е државата да биде функционална за младите да се вратат дома. Треба да функционираат здравството, полицијата, да нема политика во ништо“, порача друг присутен на одбележувањето на Денот на Републиката. 

„Да си ја чуваме државата сите, а политичарите да работат за да биде подобро во иднина и да ни се вратат децата што заминаа“, се надоврза нивна сограѓанка.

Во својот говор Милошоски повика на единство и патриотизам, но рече „не само преку веење знамиња на празници и говорење за историјата, туку преку зачувување на македонскиот јазик, идентитетот и културата, како и преку обединување на политичарите околу националните интереси“.

„Илинден нè учи и на нешто друго, нешто што ни е потребно повеќе од кога било. Дека има мигови кога она што нè обединува мора да биде поголемо од она што нè дели. Може да имаме различни политички ставови и различни погледи за патот по кој треба да одиме. Тоа не е слабост, тоа е демократија. Но постојат работи што мора да стојат над нашите поделби. Македонија е првата меѓу нив. Партиите доаѓаат и си одат. Владите се менуваат. Татковината останува. Можеме да спориме за патот, но не смееме да го изгубиме правецот“, рече Милошоски.

Голем дел од својот говор Милошоски го посвети на демографските предизвици, празните училишта и градинки. Порача дека дека демографијата е нашата нова борба за Македонија.

„Што ќе вредат спомениците ако нема детски раце што ќе положат венец пред жртвата на илинденците? – Колку ќе вреди македонскиот јазик ако нема кој да го говори и да им го пренесе на своите внуци? – Ќе вредат ли училиштата ако во нив нема детски џагор? – Нашето востание денес не се пушката и Црешовото топче, туку одговорноста да се создаде семејство и да се воспитуваат одговорни поколенија. Демографијата е нашата нова борба за Македонија“, кажа Милошоски.

На одбележувањето на Денот на Републиката во Крушево присуствуваа бројни делегации од Собранието, Владата, Армијата, политичките партии, судската власт, верските заедници и дипломатскиот кор. Сите оддадоа почит на Илинденците и положија цвеќе на споменикот на Мечкин Камен.

Најсилен аплауз од граѓаните доби традиционалната Илинденска коњаница. Момци и девојки, јавајќи коњи, пристигнаа од сите краишта на Македонија, повторувајќи го симболичниот пат кон Крушево, местото каде што е испишана една од најзначајните страници од македонската историја.

Емилија Мисирлиевски

Jumbo 2