Нема да бидеме алиби за предвремени избори на премиерот, Христијан Мицкоски – изјави денеска на прес конференција лидерот на СДСМ, Венко Филипче.
„Очигледно е дека единствениот параметар кој него го тера да бара избори е тоа што повеќе нема пари во буџетот за неговите криминални тендери. Локално нема ниту еден резултат“, рече Филипче.
Тој обвини дека „сѐ во државата е застанато, дека луѓето немаат пари, а долговите кон компаниите се огромни“.
„За Европа повеќе никој не ни зборува, останавме слепо црево на Балканот“, реагира Филипче.
Тој истакна дека Левица се согласува на избори, додека како што рече, бара обединување на опозицијата.
Сепак, Филипче вели дека обединувањето може да биде само со СДСМ:
„Европа и проевропските политики е тоа што е наш главен постулат. Имаме разговори со други партии, луѓе, поединци, видни интелектуални, организации кои сфаќаат дека оваа власт нема добри политики за граѓаните и само не презадолжи. Само проекти за нивен личен интерес“.
Одговарајќи на новинарско прашање, тој рече дека се спремни за избори, доколку тие се случат и утре.
„Ние сме спремни и со тимот и со програмата. Со Мастер планот за Македонија и договорот со граѓаните којшто ќе го презентирам во септември, шест точки јасно и добро дефинирани да знаат граѓаните за што ќе гласаат, кога и да се случат изборите“, додаде Филипче.
Тој денеска реагираше и за случувањата во здравството, каде како што рече, повторно не работи ПЕТ/КТ Центарот, односно не е во функција откако „работеше само еден ден“.













