Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

ЕУ ги зајакнува воените капацитети на Македонија

/

Македонија

Сподели преку :

Дополнителни 40 милиони евра за зајакнување на воените капацитети на Македонија се очекува да бидат обезбедени од Европската Унија (ЕУ), покрај досега издвоените 65 милиони евра, најави евроамбасадорот, Михалис Рокас. На Панел дискусијата „Стратешка поврзаност за стабилност“ рече дека поддршката за земјава опфаќа повеќе области – од одбраната и безбедноста до патната, железничката, енергетската и дигиталната инфраструктура. Тој ги посочи Коридорот 8 и Коридорот 10 како важни транспортни правци за регионалното и европското поврзување, нагласувајќи дека прекините во синџирите на вредности можат да имаат последици далеку пошироки од местото каде што настанале.

„Како што гледате, нашиот одговор, односно одговорот на земјите членки на Европската Унија и на владата тука, е сеопфатен. Се обидуваме на сите овие прашања да гледаме низ иста призма“, изјави евроамбасадорот во земјава, Михалис Рокас.

Учесниците на дискусијата ја нагласија важноста на регионалната поврзаност на Западен Балкан што „веќе не е само економска придобивка“, туку геополитичка неопходност за зачувување на стабилноста на Европа. Инфраструктурната, кибернетската, економската и климатската отпорност, заедно со владеењето на правото, се клучни елементи на современата безбедност.

Вицепремиерот и министер за транспорт рече дека развојот на двата коридора е стратешка политика на владата.

„Ние мора овие два паневропски коридори да ги развиваме со цел да обезбедиме и економски напредок на Македонија, но исто така и да обезбедиме политичка стабилност за државата во периодот кој што е пред нас. Затоа што во едни вакви комплицирани геополитички случувања, ништо не е гарантирано или ништо не е дадено еднаш засекогаш“, рече вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски.

Од Институт за демократија укажаа дека мора да се фати чекор со предизвиците од гео-политичките случувања.

„Прв приоритет, секако, за сите нас е отпочнување на преговорите кои што се закочени. Мислам дека умни, прагматични одлуки, како уставни измени, се можни за да овозможат наши внатрешни гаранции за да се направи исчекор кон подлабока интеграција во Унијата, но и интеграција во единствениот пазар затоа што делумна интеграција не може да донесе конвергентност доколку целосната интеграција не е на хоризонтот“, изјави Марко Трошановски, Институт за демократија.

Еден од заклучоците на Панел дискусијата организирана од Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје и Фондацијата „Конрад Аденауер“ беше дека заедничката работа, регионалното поврзување и инвестициите во отпорноста се неопходни за зачувување на стабилноста и справувањето со идните кризи.

Далиборка Демјанска Цветановска

Jumbo 2