Владата на ДПМНЕ повторно остава уште една категорија граѓани на цедило – реагираа претпладнево од партијата Левица преку писмено соопштение во кое наведуваат дека добиле дојави од лица со попреченост кои самостојно работат и веќе една година чекаат исплата на средствата што им се должат.
Последната исплата била за јули 2025 година, исплатена дури во јануари 2026 година. Оттогаш нема нова исплата, иако луѓето продолжуваат да работат и редовно да ги подмируваат своите обврски – велат од Левица.
Од партијата нагласуваат дека станува збор за систем на финансиска поддршка преку кој на лице со попреченост што самостојно врши дејност му се овозможува да ги подмирува придонесите за пензиско и здравствено осигурување, а потоа тие средства да му бидат рефундирани преку Посебниот фонд за вработување на лица со попреченост.
Наместо попреченоста да биде дополнителна пречка за економска самостојност, механизмот треба да овозможи лицето да работи, да создава приход и самостојно да ја обезбедува својата егзистенција. Кога државата ќе престане да ги исплаќа средствата, целиот трошок останува кај лицето кое веќе ги подмирило обврските – додаваат од Левица.
Партијата ја обвинува Владата и дека во текот на 2026, сè уште обезбедува средства за да ги покрие обврските од претходната година.
Со ваквиот начин на работа товарот од непланското буџетирање директно се префрла врз корисниците на програмата. Наместо преку оваа програма да се намалат трошоците и бариерите со кои се соочуваат лицата со попреченост при самостојното работење, Владата им создава нов финансиски товар и го доведува во прашање токму она што програмата треба да го овозможи – економска самостојност и работа без зависност од социјална помош, реагира партиијата.
Оттаму бараат итна исплата на заостанатите средства, целосна транспарентност за долгот од 2025 и обврските за 2026 година и стабилно финансирање на програмата.













